Пет финалисти во трката за наградата „Драги“ за најдобар превод на македонски јазик

Пет преведувачи влегоа во финалниот круг за наградата „Драги“ за најдобар превод на македонски јазик за 2026 година. Одлуката е донесена во третиот и последен круг на селекција од страна на жири-комисијата во состав Иван Џепароски, претседател, и членовите Владимир Цветкоски и Јана Михајловска.

Во финалето се најдоа преводи на книжевни дела од англиски, холандски и кинески јазик. Ана Пејчинова е номинирана за препевот од англиски јазик на „Избрани песни“ од Радјард Киплинг, во издание на „Полица“ од 2024 година, додека Даниела Спироска е во конкуренција со препевот на „Песни“ од Дилан Томас, објавен од „ПНВ Публикации“ во 2026 година.

Меѓу финалистите е и Ели Пујовска со препевот од холандски јазик на „Златен венец – одбрани песни од Анеке Брасинга“, издание на „Струшки вечери на поезијата“. Игор Радев е номиниран за препевот од кинески јазик на „Безначајни песни“ од Шји Чуан, исто така во издание на „Струшки вечери на поезијата“, а Никола Ѓелинчески за препевот од англиски јазик на „Неред“ од Питер Мекеј, објавен во 2026 година.

Добитникот на наградата „Драги“ за 2026 година ќе биде прогласен на 16 октомври, на денот кога се одбележуваат 75 години од раѓањето на Драги Михајловски. Свеченоста ќе се одржи од 12 часот во аулата на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, во чест на добитникот и петте номинирани преведувачи.

На истата свеченост ќе биде доделена и интернационалната награда „Драги“ за најзначаен превод на книжевно дело напишано на македонски јазик. Ова признание годинава му припадна на проф. д-р Борислав Павловски од Хрватска, за преводот на хрватски јазик на романот „Бајазит и Оливера“ од Драги Михајловски, објавен од загрепската издавачка куќа „ТИМ прес“.

Годинашното издание на наградата „Драги“ го реализира издавачката куќа „Антолог“, со поддршка од Министерството за култура и туризам и во соработка со Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ – Скопје.

На годинашниот конкурс првично беа номинирани 24 дела, преведени од 27 преведувачи. Книгите се објавени од девет издавачки куќи, а преводите се направени од 12 различни јазици. Во изборот се застапени дела од 22 странски автори, а со вклучувањето на двете антологии опфатени се дела од околу сто светски поети.

Ова е првпат наградата „Драги“ да биде доделена за превод на поетско дело, со што, според организаторите, се пополнува значајна празнина во македонската културна средина и се оддава признание на творештвото на Драги Михајловски, кој остави особен белег токму во областа на препевот на книжевни дела во стих.

Наградата за најдобар превод на македонски јазик „Драги“ е востановена во 2022 година, а првото почесно признание му беше доделено на самиот Драги Михајловски (1951–2022), македонски писател, преведувач, есеист и универзитетски професор.

Михајловски, покрај своите прозни дела, остави значаен придонес во македонската култура со препевите на дела од Шекспир, Милтон, Шели, Китс, Блејк и Елиот, како и со студиите и есеи од областа на теоријата на преводот. Како професор на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје, со своите ставови за преводот влијаеше врз повеќе генерации студенти и врз развојот на македонската преведувачка мисла.