Нови апсења за проневера во „Државна лотарија“, приведени две лица за злоупотреба на речиси 80 милиони денари

Две лица се приведени во нова акција на Управата за финансиска полиција поврзана со сомневања за проневера на речиси 80 милиони денари, односно околу 1,3 милиони евра, во „Државна лотарија“.

Според неофицијални информации што ги објави “Сител“, една од приведените е поранешна директорка за финансии во Акционерското друштво „Државна лотарија“, во периодот кога генерален директор на институцијата бил Перпарим Бајрами. Бајрами, заедно со поранешниот премиер Артан Груби, е обвинет и во одделна постапка поврзана со злоупотреби во „Државна лотарија“.

Од Управата за финансиска полиција информираат дека акцијата се спроведува по издадени наредби од судија на претходна постапка, а под раководство на надлежен јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Скопје.

„Акцијата произлегува од предистражна постапка насочена кон откривање и документирање на кривични дела од областа на финансискиот криминал за кои постојат основи на сомнение дека се извршени од службени лица со цел стекнување противправна имотна корист од големи размери и со кои се проневерени буџетски средства во износ од речиси 80 милиони денари“, соопштија од Финансиската полиција.

Во рамки на акцијата, како што додаваат од институцијата, по насоки на надлежниот јавен обвинител, од страна на овластени службени лица биле лишени од слобода две лица.

Новата постапка доаѓа во период кога пред Основниот кривичен суд Скопје се води и судски процес за злоупотребите во „Државна лотарија“, во кој обвинети се повеќе лица, меѓу кои и Перпарим Бајрами и Артан Груби.

На последното рочиште во овој предмет се случи пресврт, откако сведок на Обвинителството во својот исказ не ја потврди тезата на обвинителството, туку сведочеше во корист на обвинетите.

“Слободен Печат“, побара од Јавното обвинителство да одговори дали ќе биде побарано утврдување кривична одговорност за сведокот поради евентуално давање лажен исказ. Од Обвинителството, сепак, не откриваат дали во овој момент се преземаат конкретни чекори против сведокот.

„Јавното обвинителство не е во можност однапред да најавува кривичен прогон на лица или да открива детали од евентуално поднесени кривични пријави. По сите индиции за сторени кривични дела се постапува и се вршат проверки“, одговорија од Обвинителството.

Новата истрага на Финансиската полиција треба да утврди како биле проневерени средствата, кои службени лица биле инволвирани и дали со дејствијата била стекната противправна имотна корист од големи размери.