Младите правници со апел до Собранието – владиниот предлог закон е опасен за животната средина

Од Македонско здружение на млади правници (МЗМП) е испратено писмо до координаторите на пратеничките групи во Собранието, со кое се предупредува на опасностите од предлогот за изменување и дополнување на Законот за животната средина, чиј подносител е Владата.

„Би сакале да ве информираме и известиме за определени недостатоци во предлог законскиот текст, а кои сметаме дека негативно ќе влијаат на правната заштита на животната средина. Предложеното бришење на членовите кои ги регулираат контаминираните подрачја ќе создаде правна празнина и негативно ќе влијае на заштитата на животната средина и здравјето на луѓето. Во Република Северна Македонија постојат повеќе „еколошки жешки точки“, односно контаминирани подрачја кои се остаток од поранешни индустриски капацитети и рудници кои иако престанале да работат, а зад себе оставиле различни типови и количини на опасен и канцероген отпад, кој не е заштитен и тој континуирано предизвикува штета по животната средина и здравјето на луѓето“, велат младите правници.

Тие го информираат законодавниот дом, дека според Планот за управување со отпад на Македонија за 2021 2031, изготвен во 2021 година, се идентификуваат седиум вакви „жешки точки“, односно: ОХИС Хлорно алкална постројка Постројка за линдан Депонија за HCH Депонија (локација со висок ризик во Скопје); Лојане поранешен рудник за хром, арсен и антимон (локација со висок ризик во Куманово); Макстил фабрика за железо и челик (локација со среден ризик во Скопје); РЕК Битола енергетска централа и рудник за јаглен (локација со среден ризик во Битола); Југохром депонија со шестовалентен хром во Јегуновце (локација со среден ризик во Тетово); МХК Злетово ѓубрива (локација со низок ризик во Велес); РЕК Осломеј енергетска централа и рудник за јаглен (локација со низок ризик во Кичево).

Од МЗМП сметаат дека контаминираните зони претставуваат сериозен ризик по животната средина и здравјето на луѓето.

„Во 2022 година се воведоа членовите 28-1, 28-б, 28-в и 28-г со кои се воспостави системска правна рамка за овие подрачја. Воведувањето на овие членови беше позитивен исчекор во квалитетот на македонското законодавство за заштита на животната средина затоа што воспостави правила за мониторинг и санирање на контаминираните подрачја засновано на науката. Предлог на законот за изменување и дополнување на Законот за животната средина во членот 13 предвидува да се избришат токму членовите 28-а, 28-б, 28-в и 28-г. Ваквиот предлог на Владата, односно Министерството за животна средина и просторно планирање претставува назадување на македонската правна рамка и повторно ќе доведе до ситуација во која во државата нема да постојат правила по кои ќе се санираат овие контаминирани подрачја“, информираат од Здружението.

Комисиската расправа по Предлог закоснките измени и дополновања во Собранието е закажана за утре.