Шокантни бројки од британските училишта: Речиси 2.000 пријави за силување и обиди за силување на деца

Најмалку 8.500 сексуални престапи врз деца на возраст до 12 години биле регистрирани во или во близина на училишта во Англија и Велс во периодот од 2021 до 2025 година, покажува анализа на полициски податоци објавена од „Гардијан“. Меѓу пријавените случаи има речиси 2.000 наводни силувања и обиди за силување, што според анализата претставува просечно најмалку една пријава дневно.

Податоците покажуваат дека полицијата регистрирала и повеќе од 9.100 сексуални престапи во кои биле жртви деца на возраст од 13 и повеќе години, како и околу 6.140 случаи поврзани со поседување, производство или дистрибуција на сексуализирани материјали со деца.

Во значителен дел од пријавите не била наведена возраста на наводниот сторител. Сепак, според „Гардијан“, локацијата на инцидентите укажува дека во дел од случаите станувало збор за други ученици. Во најмалку 1.890 случаи со жртви помлади од 13 години, наводниот сторител бил помлад од 18 години. Кај случаите во кои бил евидентиран полот на жртвата, речиси две третини биле девојчиња.

Вкупниот број на случаи би можел да биде и поголем, бидејќи податоците ги доставиле само 33 од вкупно 43 полициски единици во Англија и Велс.

Комесарката за деца на Англија, Рејчел де Соуза, предупреди дека насилството меѓу врсници во училиштата е широко распространето и дека премногу често се игнорира. Таа оцени дека, и покрај преземените мерки од страна на Владата, потребни се дополнителни активности, нагласувајќи дека проблемот не е ограничен само на училиштата, туку е дел од поширок општествен проблем.

Адвокати и организации кои работат со жртви на сексуално насилство побараа дополнителни мерки и поефикасна заштита на децата. Адвокатот Ендру Лорд, кој застапува жртви на сексуална злоупотреба, порача дека институциите повеќе не можат да тврдат дека не биле свесни за размерите на проблемот.

Загриженоста за сексуалното насилство врз деца во Велика Британија се зголемува и поради податоците на Националната агенција за криминал, која неделно добива околу 1.700 упати поврзани со сомнежи за сексуална злоупотреба на деца. Во учебната 2024/25 година, пак, бил регистриран рекорден број од 3.809 апсења на деца поради сексуални престапи.

Британската Влада во меѓувреме ги заостри правилата за безбедност на интернет, го прошири сексуалното образование и воведе задолжително пријавување на сомнежи за злоупотреба за професионалците кои работат со деца. Критичарите, сепак, сметаат дека постојните мерки не се доволни за спречување на злоупотребата.