Протестите во Приштина ескалираа во понеделникот вечерта, при што најмалку 12 лица побарале медицинска помош, меѓу нив еден полицаец и 11 цивили. Полицијата употребила солзавец и водени топови откако демонстрантите се обиделе да ги блокираат излезите од Собранието и да ги спречат пратениците да ја напуштат зградата.
Протестите траат повеќе од две недели и следуваат по пресудите на Специјализираните совети во Хаг против поранешниот косовски претседател Хашим Тачи и уште тројца поранешни команданти на ОВК. Тие беа осудени на затворски казни од 13 до 25 години за воени злосторства, а сите четворица ги отфрлаат обвиненијата и ги обжалија пресудите.
Демонстрантите бараат усвојување измени на законот со кои би се ограничиле надлежностите на Специјализираните совети. Предложените измени предвидуваат максимална затворска казна од 15 години, можност за издржување на казната во Косово и жалби пред косовскиот Врховен суд. Законот помина прво читање, но второто читање и конечното гласање останаа неизвесни.
Тензиите дополнително се зголемиле кога дел од демонстрантите ги блокирале излезите од Собранието. Според медиумите, биле фрлани пиротехнички средства и други предмети кон полицијата и државните објекти, по што интервенирале полициски единици за разбивање на блокадата.
Паралелно со протестите, Косово се соочува и со политичка блокада околу изборот на претседател. Уставниот суд постави рок до 6 октомври за избор на шеф на државата, а доколку тоа не се случи, Собранието би било распуштено и земјата би се упатила кон нови предвремени парламентарни избори.
Според косовската полиција, протестите продолжиле во близина на Собранието, при што дел од учесниците се обидувале да ја преминат оградата и фрлале пиротехнички средства кон државните објекти. Полицијата соопшти дека презела мерки за одржување на јавниот ред и безбедноста.
Според податоците од итната медицинска служба, сите 12 лица кои побарале помош биле третирани и пуштени на домашно лекување. Најголем дел од интервенциите биле поврзани со изложеност на солзавец, додека кај неколку лица биле констатирани исеченици.
Следи го Антропол преку Google 
