Дипломираниот професор по математика Кристијан Зафировски од Свети Николе во отворено писмо до Министерството за образование и наука предупредува на, како што тврди, законски механизми кои овозможуваат ангажирање лица без соодветно образование и покрај постоењето на квалификуван кадар. Тој наведува дека во СОУ „Кочо Рацин“ бил ангажиран кандидат без соодветно образование преку примена на член 11, додека тој, иако бил активен барател на работа со соодветна диплома, не добил можност да конкурира.
Почитувани Ви се обраќам со цел да ве информирам за сериозен системски проблем и законски дупки кои овозможуваат заобиколување на стручниот кадар при вработувањата во образованието. Како единствен активен барател на работа со соодветно образование (дипломиран професор по математика) во Свети Николе, бев заобиколен при вработување во СОУ „Кочо Рацин“, каде преку примена на Член 11 е ангажирано лице без соодветно образование.
Во продолжение Ви го пренесувам Отвореното писмо упатено до Министерството за образование и наука, а во прилог Ви ги доставувам и сите официјални документи како доказ (уверение, потврда од АВРМ, поднесена претставка, одговор и извод од стаж). Законот за наставници и стручни соработници во основните и средните училишта (Дел III. НАСТАВНИЦИ, страници 3 – 7) можете да го погледнете директно на следниот линк: https://portal.mdt.gov.mk/post-body-files/zakoni-mon-file-z6Ri.pdf Се надевам дека овој случај ќе го разгледате и ќе му дадете соодветен простор во јавноста.
До: Министерството за образование и наука Отворено писмо:
Единствен професор по математика во градот — а сепак заобиколен Почитувана министерке, Позадина на случајот Дипломирав како професор по математика во 2006 година. Уште тогаш се соочив со истиот проблем: наместо јасно да се бара наставник по математика, часовите постојано се делеа и комбинираа на начини кои повеќе личеа на огласи скроени однапред за посакуван кандидат, отколку на реално барање стручен кадар.
По неколку години такви обиди ја напуштив професијата и заминав во странство. Денес сум татко на три деца и се вратив со намера овде да живеам и работам — а истиот механизам ме пречека повторно. Иако сум единствениот активен барател на работа, дипломиран професор по математика во градот, во неколку наврати не бев ангажиран за замена на наставник по математика. Затоа отидов кај градоначалникот да го информирам дека активно барам работа. Одговорот беше дека директорите ќе ме известат кога ќе треба да аплицирам, бидејќи сум единствен и нема друг.
Во СОУ „Кочо Рацин“ — Свети Николе, се појавила потреба за наставник по математика. Пуштен е оглас, никој соодветен не се пријавил, и на местото — согласно член 11 — законски и формално е вработено лице без соодветно образование. За разлика од тоа, во ОУ „Даме Груев“ — с. Ергелија, се појавила потреба од само пет наставни часа, училиштето ме контактираше да ме ангажира. По случајот со СОУ „Кочо Рацин“, поднесов претставка за увид на законитоста при спроведувањето на постапката за вработување. Добив одговор дека сѐ било според закон.
Каде е проблемот? Проблемот не е во отстапка од законот — проблемот е во самиот закон. Начинот на кој се објавуваат огласите, и содржината на член 11, се поставени токму така што отвораат простор за злоупотреби и оневозможуваат избор на квалитетен кадар во образованието.
- Огласите Дали е потребно еден оглас за наставник да трае толку кратко (3 дена) и да биде објавен само во два дневни весника, за сите заинтересирани кандидати реално да имаат можност да конкурираат? За да аплицирате, практично треба однапред да знаете кога ќе биде објавен огласот, во кој весник ќе биде објавен и дека во краткиот рок за пријавување треба да ја подготвите потребната документација. Дополнително, не постои обврска училиштето пред распишувањето на огласот, ниту по неговото завршување, да провери во евиденцијата на Агенцијата за вработување дали постои соодветен кандидат. Со тоа, може да постои таков кандидат, а институцијата нема обврска да го бара.
- Член 11 „(1) Доколку на јавниот оглас од членот 10 став (1) од овој закон, не се пријави лице кое ги исполнува условите утврдени во членот 3 став (1) алинеја 1 од овој закон, може да се заснова работен однос на определено време до крајот на учебната година со лице кое се јавило на јавниот оглас за наставник.“ Ова овозможува, без претходно да се провери дали постои соодветен кандидат, доколку на огласот нема таков кандидат, да се избере лице од пријавените на огласот иако не го исполнува нормативот за наставен кадар по конкретниот предмет.
Во мојот случај Во мојот случај постои активен барател на работа со точно бараното образование. Сепак, поради тоа што огласот е објавен само во два дневни весника и за краток рок, јас не сум дознал за огласот и не сум се пријавил. Потоа, бидејќи на огласот не се пријавил соодветен кандидат, член 11 овозможил да се вработи лице без соодветно образование. Така, соодветниот кандидат не добива реална можност да конкурира, а неговото непријавување се користи како услов за примена на член 11. Што барам Не барам работно место без конкурс, ниту предност пред кој било друг кандидат. Барам само реална и еднаква можност да конкурирам кога за мојата професија постои потреба.
Затоа, јавно и официјално ја прашувам министерката:
- Дали законите се креирани за да обезбедат ангажирање на соодветен и стручен наставен кадар, или се креирани така што, преку одредени законски механизми, тој кадар може да биде заобиколен?
- Ако сакаме да го подигнеме квалитетот на образованието, како е можно при постоење на стручно квалификуван кадар за одреден предмет, системот да дозволи неговото место да го пополни лице кое не го исполнува нормативот?
- И како на овој начин очекуваме да ги задржиме младите семејства, да го спречиме иселувањето и да ги вратиме луѓето кои веќе заминале во странство, ако и по враќањето овде не им се обезбедува реална можност да го искористат своето образование и знаење?
Со почит, Кристијан Зафировски Дипломиран професор по математика, активен барател на работа Свети Николе
Следи го Антропол преку Google 
