Црвена Младина: Утре на дневен ред Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за субвенциониран студентски оброк – тест за власта дали студентот конечно ќе биде сфатен сериозно

Додека ДПМНЕ секојдневно зборува за младите како „иднината на државата“, реалноста е дека токму младите масовно ја бараат својата иднина надвор од Македонија. 68% од младите во Македонија имаат желба да се иселат од државата, a како главни причини ги наведуваат токму она што оваа власт одбива да го решава: подобар животен стандард, повисоки плати, корупција и клиентелизам и подобри можности за вработување.

Ова е вистинската слика за Македонија. Не онаа од прес-конференциите на Јаневска, туку онаа во која млад човек уште додека студира прави план како да си замине.

Во таква Македонија, 140 денари студентски оброк не се само 140 денари. Тие се симбол на односот на државата кон студентот. Од 2023 година студентскиот оброк е закован на 140 денари, иако самиот Закон предвидува негово усогласување со инфлацијата пред донесувањето на Буџетот за следната година. Додека со години студентите се снаоѓаат како знаат, во август оваа година, Весна Јаневска излезе со тезата дека студентите не го барале доволно зголемувањето. Каква дрскост е потребна за министерка да му објаснува на студентот дека нема право на нешто само затоа што не се пожалил доволно?

А каде беа студентските претставници во сето ова? Години наназад гледаме ист модел: барање до МОН, апел до Владата, средба со министерот, мала фотосесија и повторно чекање. А кога конечно Црвена Младина и Левица го отворија прашањето за законско зголемување на студентскиот оброк и најавија конкретен предлог-закон, дури потоа, во септември, дојде иницијативата од Универзитетското студентско собрание за зголемување од 140 на 200 денари. Но, и тоа се сведe само на зголемување на износот, без системските решенија што ги предлага Левица – оброкот да изнесува 1% од минималната плата, да важи и во недела и на државни празници, да го користат и вонредните студенти и да се укине условот студентот да нема примања над минималната плата.

Наместо студентските организации да бидат тие што ќе ја наметнат темата и ќе ја ставаат власта под притисок, повторно гледаме реакција откако прашањето веќе беше политички отворено од Црвена Младина. И кога Левица предложи конкретно законско решение претседателката на УСС наместо да излезе со став за предлогот што директно ги засега студентите, одби да коментира за медиумите.

Затоа Левица утре ќе ги заобиколи и министерката и овие “студентски организации” и директно во Собранието ќе предложи законски решенија со кои студентскиот оброк конечно ќе стане системско право, а не добра волја на секоја следна влада.

Предлагаме студентскиот оброк да изнесува 1% од минималната плата, односно 260 денари, наместо секоја година студентите повторно да чекаат министерот да реши дали има „услови“ за покачување. Предлагаме право на оброк секој ден, вклучително во недела и на државни празници. Предлагаме право да имаат и вонредните студенти, како и студентите кои имаат приходи над минималната плата.

Зашто каква е таа логика во која студентот што работи е казнет со губење на студентското право? Каква е таа политика во која вонредниот студент, кој често токму поради работата е принуден да студира вонредно, е третиран како студент од втор ред? Државата не треба да го казнува студентот затоа што се обидува сам да преживее, особено затоа што државата е таа што го довела до таа ситуација.

Ако сакаме Македонија во која младите ќе останат, тогаш мораме да создадеме Македонија во која младите имаат за што да останат. Македонија во која образованието нема да биде фабрика за дипломи за странските пазари на труд. Македонија во која студентот нема да биде сиромашен додека студира за да може еден ден да стане евтина работна сила. Македонија во која знаењето нема да биде привилегија, туку општествено добро, а студентскиот стандард нема да зависи од тоа кој моментално седи во кабинетот на МОН.

Утре сите очи ќе бидат вперени кон Собранието, затоа што конечно прашањето за студентскиот стандард доаѓа таму каде што треба да се носат законите. Левица ќе биде гласот на студентите и ќе ги отвори сите прашања што власта со години ги турка под тепих, од висината на студентскиот оброк и неговото усогласување со минималната плата, до правото на вонредните студенти и студентите кои работат. По 35 години политика во која младите се повикуваат да бидат „иднината“, додека во сегашноста се оставаат без услови за достоинствен живот, доста е од политиката која бара младите да молчат и да чекаат.