Актерот Марко Трајковиќ, преку објава на социјалните мрежи соопшти дека ја прекинува својата актерска дејност во Театар Куманово, по повеќе од 13 години работа во матичниот театар. Во својот статус, Трајковиќ отворено проговори за, како што наведува, партиски вработувања, мобинг, фаворизирање, лоши услови за работа и нарушени меѓучовечки односи во институцијата, обвинувајќи го раководството дека ги наградува послушните, додека актерите кои се посветени на професијата се тргаат на страна. Тој вели дека неговата последна претстава под капата на Театар Куманово ја одиграл на затворањето на фестивалот „Денови на комедијата“, по што решил да стави крај на своето актерско дејствување во институцијата.
Неговиот статус ви го пренесуваме во целост:
Почитувани пријатели, роднини и верна публико. Немам напишано статус можеби повеќе од 10 години, но вечерва сакам и морам. Од 2012 година играм во 90% од претставите на мојот матичен театар Театар Куманово во рамките на НУЦК Трајко Прокопиев Куманово. Имам играно од Шекспир до Васил Иљоски и се што треба и не треба, верувајќи дека сум дел од нешто многу поголемо од мене. Уште си ја оправдувам жртвата дадена на мојот сакан театар на овој начин.
Сведочев секакви сплетки, немање услови за работа, посветени, непосветени, способни и крајно неспособни луѓе на партиски поставени места (секоја чест на исклучоци). Се нервирав и молчев како и остатокот од моите колеги за сите маки за се што се случува внатре во институцијата. Гледав луѓе што “лижат г’з” како просперираат додека мнозинството мои колеги кои живеат за театарот ја држат својата глава наведната верувајќи дека ќе дојде подобро утре за нашиот театар.
Пред 6 години ни ја срушија зградата на Театар Куманово и не преселија во малиот кубус во центарот за култура. Многу повеќе изгубивме како ансамбл од една тврда градба што се викаше Театар Куманово. Некаде по патот се изгубивме и себе како луѓе и актери. Го изгубивме својот глас. Прифативме нехумани услови за работа и да бидеме сведени на ниво на драмска секција во секој поглед. Најтажно од се е што дури и во овој наш “пад” наместо да се кренеме и да издејствуваме нешто подобро за нашиот театар, ние како ансамбл се свртевме себично само кон својата финансиска егзистенција и приватни интереси надвор од театарот.
Им помодреа колената на одредени колеги (и од уметничкиот и од техничкиот сектор) од пушење к*р и цицање на државната дојка без никаков срам и чувство каде тоа го носи нашиот театар во поглед на поголемата слика.
Станавме пример за потсмев на сите останати театри во државата и со право. На секој состанок со колегите се дискутира само за работи кои реално се невозможни кај нас, работи кои подразбираат комплетно општествено преуредување,работи што обични актери во државна институција немаат моќ да ги сменат, наместо да се дискутира какви претстави сакаме да правиме и какви улоги да одиграме на нашата сцена.
Колега на колега е волк, а луѓето на врвот само ставаат гориво на тие деструктивни пламени затоа што им одговара и ги држи подолго на моќ. Се местат проекти, се перат пари, се врши мобинг, секој “успех” е успех на раководството, а секој неуспех е вина на луѓето на сцена. Актерите кои ги интересира само нивната работа се тргаат на страна како безнадежни идеалисти, а оние кои се покоруваат пред раководството се наградени.
Јас лично не сум вработен како актер. Моето работно место гласи “воведувач на публика 2”. Земам минимална плата за максимална работа и пожртвуваност за професијата. Работам како актер затоа што САКАМ да сум актер и СУМ актер. За тоа се сведоци безбројните колеги актери, режисери, технички персонал и секој друг кој барем малку ме познава. Го оставив своето здравје во 60 професионални претстави од кои што повеќето беа под капата на мојот матичен театар. Го направив тоа по своја волја и никому се немам пожалено, не гледам фајде или некаква корист во тоа.
Оваа вечер тоа завршува. Ја изиграв последната претстава под капата на Театар Куманово за затворање на фестивалот Денови на комедијата и сведочев нешто по 1000ти пат се случува кај нас. Неправда. Триумф на луѓе кои се закитија со награди и успеси на грбот на колегите само поради тоа што имаат пријатели на високи места и прсти вмешани во “кремот” на општеството. Не е прв, но лично мене ми е последен пат да го гледам тоа од внатрешноста. Целиот театар (освен моќните неколку) беше изреволтиран, но пак се честиташе и веселеше со лажна насмевка како да добивме нова зграда.
Ја соопштив мојата одлука за прекинување на мојата актерска дејност и бев пресретнат со потсмев и накривена насмевка како да сум мало несериозно дете. Во ред, мене ми е доволно. Дадов доволно, одиграв доволно. Нека работат актерите кои не знаат текст на своја премиера, режисерите што доаѓаат партиски дури и без концепт, техниката која само се води како техника за да зема плата затоа што некој бил доволно фин да им ги искешира партиските поени со државно работно место и луѓето што не знаат ниту што им е работното место во институцијата, се знаат кои се. Не само во последно време туку во последните 13-14 години.
Лешот на театарот си смрди, а мршите кружат и јадат ненаситно. Жал ми е само за добрите луѓе кои остануваат таму и кои си ја вршат својата работа верно и посветено, надевајќи се дека оваа ситуација нема да трае вечно.
Драги луѓе кои успеавте ова да го дочитате до крај, се извинувам што ве измалтретирав. Ве молам споделете го постов и нека пропатува до каде што треба да стигне, до некој, некаде што би можел да направи било каква промена на подобро за добрите луѓе кои остануваат во Театар Куманово. Драга публико и драги колеги, благодарам за секој момент поминат со вас на сцената и зад неа. Се поклонувам пред вас и бескрајно сум ви благодарен за се.
Следи го Антропол преку Google 
