Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека сојузниците треба јавно да ја посочат Русија како одговорна за инциденти кога имаат „речиси сигурност“ дека Москва стои зад нив. Руте ја пофали Естонија за неодамнешното јавно обвинување на Русија и повика на споделување на разузнавачките информации меѓу сојузниците.
На прес-конференција со литванскиот премиер Миндаугас Синкевичиус, Руте се осврна на таканаречените „малигни активности во сивата зона“, како саботажи, сајбернапади и други инциденти за кои НАТО сојузниците се сомневаат дека се поврзани со Русија.
„Кога не сте сигурни дека се Русите, припишете им го тоа на Русите – токму како што направи Естонија денес. Јас го поздравувам тоа“, изјави Руте.
Изјавата следува по ставот на врховниот сојузнички командант на НАТО за Европа, Алексус Гринкевич, кој пред Европскиот парламент рече дека јавното припишување на ваквите инциденти на Русија може да има одвраќачки ефект. НАТО во последните недели ги засили напорите за размена на разузнавачки информации по серија инциденти за кои постои сомнеж дека се поврзани со руски хибридни активности.
Естонија неодамна ја обвини Русија дека стои зад подметнување пожар во компанијата Milrem Robotics, која произведува одбранбена опрема. Москва ги отфрли обвинувањата како неосновани.
Руте истовремено нагласи дека НАТО не гледа непосредна опасност од воен напад врз територијата на Алијансата, но оти сојузниците треба да бидат подготвени за продолжување на руските активности што НАТО ги оценува како непријателски.
Од Москва, пак, постојано ги отфрлаат обвинувањата за подготовка на напад врз земјите членки на НАТО и предупредуваат дека зголемената воена активност на Алијансата долж руските граници може дополнително да ги зголеми тензиите.
Следи го Антропол преку Google 
