Русија нема да ја нападне Европа

Говорејќи за случувањата во Украина, рускиот претседател Владимир Путин, негираше каква било одговорност за почетокот на конфликтот во поранешната советска република.

„Без оглед на тоа какво сценарио ќе се одвива глобално во наредните години, продолжувањето на меѓународните конфликти, за жал, е многу веројатно. Тоа делумно се должи на фундаменталните промени што се случуваат и можностите што тие ги отвораат, кои ги поттикнуваат амбициите и подготвеноста да се преземат ризици за, навидум, огромни придобивки“, изјави рускиот претседател Владимир Путин во текот на завршната дискусија со учесниците на годинешниот форум „Валдај“, одржан во градот Истра во Московската област.

Да потсетиме, клубот „Валдај“ е меѓународен форум чија цел е размена на мислења за различни важни прашања поврзани со светската политика, економијата и безбедноста. Основан е во 2004 година, а името го добил по езерото Валдај во близина на рускиот град Велики Новгород, каде што е одржана првата седница. Учесници на форумот се реномирани теоретичари и аналитичари на глобалните случувања од сите делови на светот. Годинава во Новгород се собраа дури 120 учесници од 40 земји од сите континенти, под заедничкото мото: „Граници на можностите или неограничени можности“.

Значењето на собирот „Валдај“ првенствено лежи во темите со кои се занимава. Се разговараше за преминот на светот од униполарен кон мултиполарен, за БРИКС и неговите дострели, намалувањето на зависноста од американскиот долар, зајакнувањето на евроазиската поврзаност, суверенитетот на државите, блоковската поделба, новата глобална безбедносна архитектура, војната во Украина, улогата на државата во современиот свет, вештачката интелигенција…

Треба да се нагласи дека настапите на рускиот претседател Путин на овој форум имаат специфичен формат, бидејќи неговото обраќање никогаш не е само протоколарно, туку се состои од внимателно конципирано воведно излагање, кое обично трае меѓу 40 минути и еден час, проследено со исклучително долга дискусија со странски аналитичари. Годинава главните теми на собирот беа прашањата дали светот е подготвен за иднината што нè очекува и дали веќе се достигнати границите на човечката моќ или пред нас се отвора иднина со неограничени можности.

Сепак, најголем интерес кај медиумите предизвикаа одговорите на прашањата на учесниците на форумот и акредитираните новинари поврзани со глобалната безбедност. Рускиот претседател истакна дека Москва не планира да ги напаѓа европските земји, но истовремено се закани со одмазда во случај на агресија врз територијата на неговата држава и предупреди на можноста за употреба на оружје за масовно уништување доколку биде потребно.

„Русија нема намера никого да нападне, па ни Европа, ниту во 2030 ниту во 2050 година, но дефинитивно ќе одговориме на секоја евентуална агресија, вклучително и напад врз Калининград.“

„Соопштението на Министерството за надворешни работи по тој повод, како и писмата што беа испратени до одредени земји, не се обид за заплашување“, нагласи Путин. „Тие се одговор на обидот нас да нè заплашат.“

Претседателот како причини за овој потег ги наведе воените вежби во Балтичкото Море, изјавите на одредени западни политичари и обидите за задржување на руските бродови.

Говорејќи за случувањата во Украина, Путин негираше каква било одговорност за почетокот на конфликтот во поранешната советска република. Според него, оваа војна била започната против Русија поради „агресивниот национализам и русофобијата“, како и обидите за проширување на НАТО кон исток.

„Едноставно бевме принудени да одговориме на оваа очигледна агресија“, изјави тој, изразувајќи жалење што „логиката на ескалација на меѓусебните остри мерки за одмазда“ станува „фатална неизбежност со разорни последици“.

Путин го отфрли и евентуалниот мораториум на напади со оружје со долг дострел меѓу Русија и Украина.

„Ни велат: ’Треба да престанат да ги напаѓаат вашите нафтени рафинерии, а вие треба да престанете да ги напаѓате нивните бродови.’ Тоа е едноставно смешно“, истакна претседателот, мислејќи на сличните предлози од Киев и Вашингтон.