Нов бран на протести во Франција, учениците блокираа гимназија во Париз

Утрово во 7 часот, учениците од гимназијата „Тирго“ во 3-тиот париски арондисман поставија контејнери, огради и транспаренти и започнаа блокада на своето училиште, барајќи подобри услови за учење.

На барање на директорот на училиштето, еден премин остана слободен за учениците од подготвителните паралелки, кои ја делат зградата со средношколците, пренесува порталот БФМТВ од местото на настанот.

Генералната секретарка на синдикатот ЦГТ, Софи Бине, утрово потврди за телевизијата ТФ1 дека синдикатот ќе учествува на утрешната национална мобилизација за заштита на правото на средношколците на протест.

Сојузот на средношколските синдикати за вторник најави „трет чин“ на протестите, од кој стравува француската влада, предупредувајќи дека движењето се насочило кон „урбано насилство“.

Софи Бине ја потврди целосната поддршка на ЦГТ за вработените и учениците кои беа повредени од почетокот на протестите, а еден ден по писмото на премиерот Себастијен Лекорни, во кое тој го претстави планот за работа со пет клучни проекти, оцени дека премиерот „доцни десет дена“.

„Враќањето на мирот не се наредува од кулата од слонова коска, туку се овозможува преку одговарање на барањата и изнесување предлози“, изјави Бине, посочувајќи дека е погрешно да се затвораат гимназиите кога не се исполнети безбедносните услови.

Таа предлага воведување „слободен ден без настава“, со цел на средношколците да им се овозможи во своите училишта и на други безбедни места колективно да дебатираат и да одлучуваат за начините на дејствување.

Поради мобилизацијата на средношколците во Ремс, јавниот превоз во овој град во североисточна Франција денеска ќе биде во голем застој.