Над 5.000 фирми прогласија банкрот во Јапонија

Бројот на корпоративни банкротства во Јапонија го достигна највисокото ниво во последните 14 години во првата половина на 2026 година, пишува порталот Пари.

Овој пораст на пропаднати фирми го продолжува трендот забележан во истиот период минатата година, во земјата со можеби најсилната традиција на долговечни компании во светот, соочена со економска и демографска промена која за дел од нив се покажува потешка од кризите што успевале да ги преживеат со генерации.

Агенцијата за кредитни истражувања „Теикоку Датабанк“ (Teikoku Databank) наведува дека во периодот од јануари до јуни пропаднале 5.335 фирми. Тоа претставува зголемување за 332 во споредба со минатата година и највисока бројка од 2012 година наваму. Станува збор за компании со долгови од најмалку 10 милиони јени, односно околу 61.500 долари.

Најголем број од пропаднатите фирми биле од секторот за услуги, по што следуваат малопродажбата и градежништвото. Како една од главните причини за овој пораст се наведува инфлацијата, бидејќи фирмите тешко успеваат да ги пренесат повисоките трошоци за гориво и материјали врз крајните цени.

Во 2025 година 67.949 компании биле затворени, суспендирани или распуштени. Тоа е втор највисок број во последната деценија. Ако на нив се додадат формалните банкроти, повеќе од 78.000 компании излегле од пазарот за една година.

Особено симптоматично е што помалку од половина од фирмите што се затвориле биле профитабилни непосредно пред тоа – што покажува дека Јапонија не губи само неодржливи компании, туку и бизниси чии сопственици повеќе не гледаат иднина во продолжување на работата.

Од истражувачката агенција велат дека трендот на банкротства може да продолжи и во втората половина од годината, кога фирмите ќе се соочат со повисоки трошоци за задолжување поради зголемувањето на каматните стапки.

Јапонија е позната како земја со необично голем број долговечни компании, некои со историја подолга од еден век. Но токму тие фирми сега сè почесто исчезнуваат. Високи трошоци, недостиг на работници, стареење на сопствениците, проблеми со наследувањето и послаба домашна побарувачка создаваат притисок врз илјадници мали и средни бизниси – од фабрики и традиционални пиварници до фризерски салони, пабови и ресторани.

Најновите податоци на Tokyo Shoko Research покажуваат дека само во првите шест месеци се регистрирани 5.335 банкроти, 6,6% повеќе од истиот период лани. Истовремено биле регистрирани рекордни 556 банкроти директно поврзани со високите цени, 227 поради недостиг на работници и 312 поради проблем со наследување на бизнисот.

Највпечатлив е притисокот врз јапонските shinise – традиционалните компании со повеќе од 100 години историја.

Од јануари до август 2026 година банкротирале 112 компании постари од еден век. Ако темпото продолжи, годината може да заврши со повеќе од 160 вакви банкроти, со што би бил надминат досегашниот рекорд од 146 во 2024 година. Половината од овие банкроти биле кај мали компании со долгови под 100 милиони јени, пишува порталот Пари.