Асоцијацијата на специјализанти не му даде поддршка на својот колега Дарко Василевски кој штрајкува со глад пред Медицинскиот факултет, зашто на три огласи за вработување бил одбиван без образложение.
Асоцијацијата застана на страната на Деканатот на Медицинскиот факултет, со тврдење дека Василевски имал послаб просек од двајцата примени кандидати и дека примените кандидати биле подобри од него.
Притоа од Асоцијацијата изнесоа куп приватни информации за докторот што штрајкува – дека специјализацијата по спортска медицина му ја финансирала фирмата „Медикус хелп“, па дека работел во „Медикус хелп“ 10 години, дури и дека по престанокот на работниот однос престанало и финансирањето на приватната специјализација.
И покрај тоа што Василевски јавно со денови укажува дека токму возраста од 45 години му била споменувана на секое интервју од членовите на изборните комисии, Асоцијацијата на специјализанти смета дека „тоа не биле конкурсните критериуми“.
Поради пролонгирање, односно незавршување на специјализацијата во рокот предвиден со Правилникот за специјализации, специјализацијата во септември 2026 година му била прекината согласно важечките прописи. Согласно критериумите и бодирањето на последниот конкурс, избраните кандидати биле подобро рангирани. Нивниот просечен успех изнесувал 9,29 и 9,21, додека просечниот успех на неизбраниот колега изнесувал 8,20. Неговата возраст од 46 години не претставува критериум за вреднување ниту основ за рангирање согласно конкурсот. Поради тоа, наметнувањето на возраста како причина за неизбор не е поткрепено со конкурсните критериуми и создава нецелосна слика за постапката пред јавноста и не е во ничиј интерес, наведоа оттаму.
-Од организација која себеси се декларира како невладина, неполитичка и Асоцијација која ги обединува лекарите, најмалку што очекував е пред да изнесуваат какви било информации за мене да ме контактираат. Тие изнесоа мои лични податоци што немаат никаква допирна точка со ова што се случува, ниту со причините поради кои сум овде, така што искрено не би ги коментирал повеќе. А се виде и по реакциите на јавноста во однос на она што го изјавија дека не се во право. Патем и тие штрајкуваа пред неколку години и имаа поддршка од сите – изјави докторот за „Слободен печат“.
Следи го Антропол преку Google 
