Милорад Додик прогласи убедлива победа на СНСД на изборите и најави двотретинско мнозинство на неговата коалиција во Собранието на РС
Кандидатот на СНСД, Саво Миниќ, победи во трката за претседател на Република Српска на општите избори одржани вчера во Република Српска и Федерацијата БиХ, освојувајќи 265.753 гласови, односно 52 отсто, додека кандидатот на СДС и опозицијата, Бранко Блануша, според повеќе од 90 отсто од пристигнатите гласови обработени во Централната изборна комисија (ЦИК) на БиХ, освоил 213.741 глас или 41 отсто.
Според прелиминарните податоци, но врз основа на повеќе од 90 отсто преброени гласови, Жељка Цвијановиќ останува српски член на Претседателството на БиХ, откако освоила 281.190 гласови, односно 55 отсто. Нејзиниот противкандидат Маринко Божовиќ (СДС) освоил 134.820 гласови или 26 отсто, додека Небојша Вукановиќ добил 91.827 гласови, односно 18 отсто.
СНСД оствари убедлив резултат и во трката за Народното собрание на Република Српска, каде што доби поддршка од околу 39 отсто од гласачите. На второ место е Движењето „Сигурна Српска“ на Драшко Станивуковиќ со 14 отсто, додека СДС освои 12 отсто и е трета партија по сила во републичкиот парламент. Следуваат три партии, односно групации кои се дел од блокот на Додик, со по околу пет отсто поддршка во Собранието на РС – коалицијата ДНС-НПС-Бањац-Нешиќ, СП Петар Ѓокиќ-Демос-НДП и Обединета Српска. Листата „За правда и ред“ на Небојша Вукановиќ доби четири отсто од гласовите за парламентот на РС, приближно колку и СПС на Горан Селак.
Сличен е односот на силите и кога станува збор за Парламентарното собрание на БиХ, односно мандатите од Република Српска. СНСД доби поддршка од 40 отсто од гласачите, Движењето „Сигурна Српска“ 15 отсто, а СДС 13 отсто. Листата „За правда и ред“ освои пет отсто, колку и коалицијата ДНС-НПС-Бањац-Нешиќ, додека СП-Демос и Обединета Српска имаат по околу четири отсто, а СПС на Селак 3,25 отсто.
Во Федерацијата БиХ, со обработени 94 отсто од гласовите, бошњачки член на Претседателството на БиХ останува Денис Беќировиќ со освоени 26 отсто од поддршката – три отсто повеќе од противкандидатот Бакир Изетбеговиќ. Новина, сепак, е победата на Даријана Филиповиќ од ХДЗ БиХ во трката за хрватски член на Претседателството на БиХ, иако и овојпат ДФ на Комшиќ имаше свој кандидат за таа позиција. Тоа значи дека во Претседателството на БиХ во наредните четири години ќе бидат Беќировиќ, Цвијановиќ и Филиповиќ. Потпретседатели на Република Српска, според сè, ќе бидат Рамиз Салкиќ од СДА и Иван Бегиќ од СДП БиХ.
Претседателот на СНСД, Милорад Додик, прогласи убедлива победа на СНСД на изборите.
„Прогласувам победа на сите нивоа. Ова е резултат сличен на оној од пред 20 години. Им се заблагодаруваме на сите луѓе кои беа со нас“, истакна Додик.
Тој на прес-конференција во Бања Лука изјави дека политиката на СНСД останува иста, а подразбира залагање за сè она за што оваа партија се залага со години и што им го понуди на гласачите и пред овие избори.
„Никој нека не нè прашува за промена на политичките ставови. Ова е завет што му го дадовме на народот и ќе продолжиме понатаму за доброто на нашиот народ“, истакна Додик.
Тој наведе дека Република Српска сака да ги врати сите прерогативи што ѝ биле „неуставно одземени, од индиректните даноци до разузнавачката служба“. Истакна дека СНСД, заедно со коалициските партнери, дефинитивно ќе има двотретинско мнозинство во парламентот на Република Српска.
Додик, меѓу другите, му се заблагодари на Александар Вучиќ, посакувајќи победничкиот бран да се пренесе и во Србија. Тој истакна дека за убедливата победа на СНСД придонела и победата на Доналд Трамп во САД, односно поразот на политиката на Бајден, а му се заблагодари за поддршката и на претседателот на Руската Федерација, Владимир Путин.
Во своето прво обраќање по објавувањето на резултатите, Саво Миниќ им се заблагодари на граѓаните за поддршката.
„Излеговме пред народот, испорачуваме стабилност и така ќе продолжиме. Сакам да бидам претседател на сите граѓани на Српска, и на оние кои гласаа и на оние кои не гласаа, на нашите граѓани од сите вери и нации. Тоа го сфаќам како одговорност“, рече Миниќ. Тој најави дека Република Српска ќе биде прва која во БиХ ќе формира власт.
Жељка Цвијановиќ, новиот-стар српски член на Претседателството на БиХ, изјави дека политиката останува иста, а тоа значи силна и стабилна Република Српска, која ќе биде бранета и внатре и надвор.
Таа порача дека политиката на СНСД е стабилна и силна Република Српска, одбранета на меѓународен план и во земјата.
„Ќе продолжиме да ја зајакнуваме позицијата на Српска на меѓународен план, тоа ќе биде моја обврска. Тоа ќе биде една од приоритетните задачи“, порача Цвијановиќ.
Бранко Блануша му ја честиташе победата на Саво Миниќ, истакнувајќи дека е јасно оти тој е новиот претседател на Република Српска. Од СДС наведоа дека изборите поминале во фер атмосфера.
Во Парламентот на Федерацијата БиХ најголема поддршка доби СДА на Бакир Изетбеговиќ, со околу 30 отсто, додека второпласираниот СДП БиХ е двојно послаб, со 15 отсто. Коалицијата околу ХДЗ БиХ има 13 отсто поддршка. Сличен е односот на силите и во Парламентарното собрание на БиХ кога станува збор за мандатите од Федерацијата БиХ. СДА на Изетбеговиќ е прва со 31 отсто поддршка, следува СДП БиХ со 15 отсто, додека коалицијата на ХДЗ има 13 отсто.
ДФ на Комшиќ, како што објавија сараевските медиуми, нема да има пратеник во парламентот на БиХ. Жељко Комшиќ во своето обраќање изјави дека „приказната за граѓанска БиХ очигледно не е нешто што народот го прифаќа“.
Според податоците на Централната изборна комисија на БиХ, на сите избирачки места се верификувани вкупно 1.414.007 гласачи, односно 41,48 отсто. Излезноста оваа година е за речиси 10 отсто помала отколку во 2022 година.
Овие избори се првите што се одржаа со помош на технологија за контрола на изборниот процес, како што се отпечаток од прст при гласањето и скенирање на гласачките ливчиња, што овозможи значително побрзо објавување на резултатите.
Конечните резултати допрва треба да бидат потврдени по завршувањето на процесот на пребројување и разгледувањето на евентуалните приговори.
Следи го Антропол преку Google 
