Радев ја научи лекцијата – ако не си мејнстрим политичар ти лепат етикета за проруски играч

Бугарскиот премиер Румен Радев ги отфрли обвинувањата дека е „проруски“ настроен, наведувајќи дека таквата етикета е последица на неговото залагање за поинаков пристап кон решавањето на војната во Украина.

Радев на Самитот за одбрана и вселена во Брисел, порача дека неговиот став се разликува од доминантниот политички курс во Европа, но дека тоа, како што истакна, не значи дека ја поддржува Русија.

Тој се залага за посилен дипломатски ангажман со Москва и обновување на каналите за комуникација, со цел да се постигне завршување на војната во Украина.

„Типично е, и многу е тажно, ако отстапувате од политичкиот мејнстрим, веднаш да ве означат како проруски. Тоа не е реалност“, рече Радев.

Бугарскиот премиер оцени дека мирот не може да се постигне исклучиво со испорака на оружје и муниција, туку дека конечното решение мора да биде резултат на дипломатијата.

„Постои граница во тоа само да испорачуваме оружје и да даваме поддршка, бидејќи конечниот мир ќе биде воспоставен со дипломатија, а не со испорака на оружје. Нашиот повик е повеќе да се слушаме едни со други и да ги отвориме каналите за комуникација“, порача Радев.

Тој истовремено предупреди на ризикот од нуклеарна ескалација и оцени дека европските земји не треба да го занемарат фактот дека Русија поседува нуклеарно оружје.

„Постои нуклеарната карта“, рече Радев, додавајќи дека мора да се смета и на најлошото можно сценарио.

Радев оцени дека војната во Украина претставува предизвик за европското стратешко размислување и дека е потребно повторно да се разгледа односот меѓу воените, економските и дипломатските инструменти, со поголем акцент на дипломатијата.