Путин: „Сѐ започна со бомбардирањето на Југославија“

Рускиот претседател Владимир Путин оцени дека по воената операција на НАТО против Југославија во светот почнал да преовладува пристап заснован на позицијата на сила.

„Секој следен чекор потоа беше форма на притисок со сила – воена, економска или финансиска. Сето тоа е разговор од позиција на сила“, рече Путин на пленарната седница на Меѓународниот дискусионен клуб „Валдај“, говорејќи за последиците од операцијата на НАТО против Југославија, пренесува РИА Новости.

Путин, исто така, изјави дека водечките европски земји во моментов заземаат поагресивен став кон Русија отколку Соединетите Американски Држави.

Според неговите зборови, САД настојуваат да придонесат за завршување на конфликтот, додека одредени европски земји, поради економските услови и внатрешнополитичките околности, поттикнуваат агресивно однесување кон Русија и создавање нови кризи меѓу Русија и Европа.