Ова видео е снимено непосредно по завршувањето на повеќечасовното пријавување во полиција, истиот ден кога градоначалникот Бобан Стефковски на седница на Советот ѝ ги упати на советничката Маја Никодиновска зборовите: „Ќе ти се десат Оки и Жила“, информираат од Левица.
„Го објавуваме денес затоа што во изминатите два дена, од институциите имаме молк, а наместо функционерите и партиските активисти да се оградат од примитивниот мафијашки стил на Стефковски, да го осудат неговото однесување – гледаме како тие се обидуваат да ја релативизираат заканата за ликвидација на една млада мајка и жена политичарка, па дури отворија и нов фронт на лична дискредитација, со брутални клеветења и изнесување на лаги. Таква храброст има дури и силеџијата Стефковски којшто на национален медиум се осуди да изнесува лаги и клеветнички инсинуации. Никодиновска непосредно по настанот објасни што ѝ претходело на заканата и зошто атмосферата на седницата ескалирала. Во текот на повеќечасовната расправа таа отвори серија прашања за кои општинската власт очигледно не сакаше да слуша: резултати од информации од јавен карактер за енормно загадување на водата во повеќе населени места, со високи концентрации на фекални бактерии и Escherichia coli; Диви депонии распространети низ територијата на Гази Баба; Алармантната состојба со аерозагадувањето; Одлуки со кои се кратат значителни средства наменети за детектори за пожар во училишта и градинки. Токму по часови инсистирање на одговори за овие прашања следува пораката од Стефковски „ќе ти се десат Оки и Жила“. Сите документи, податоци и спорни одлуки што Никодиновска ги отвори на седницата допрва ќе ги објавиме пред јавноста“, велат од партијата.
Случајот е пријавен и иницирано е постапување пред надлежните органи, а одговорност од Левица ќе се бара и за секоја клевета, невистина и обид за понижување на Никодиновска и релативизација на заканата што потоа следуваше.
„Она што деновиве го демонстрираат функционери и партиски гласноговорници на ДПМНЕ е една од најодвратните форми на политичка примитивност – кога не можат да ја победат жената со аргумент, се обидуваат да ја заплашат, а кога заплашувањето ќе стане јавно – се обидуваат да ѝ го растурат угледот со лаги, клеветења, инсинуации и копање по приватниот живот. Но, едно треба да им е јасно: Жените во Левица не се и нема да бидат тивки за да не ја повредат суетата на моќниците. Ќе бидеме гласни таму каде што очекуваат молк, ќе ги отвораме темите што со години ги туркале под тепих, ќе ги вадиме документите што сакаат да останат во фиоки и ќе зборуваме за секоја злоупотреба, неправилност и секој скандал без оглед на тоа чие име стои зад него. Предолго политичкиот комодитет на моќните се одржуваше со туѓ молк. Тоа време заврши. Ниту закана, ниту клевета, ниту партиска хајка ќе нè натера да замолчиме“, се вели во соопштението.
Следи го Антропол преку Google 