Мечот за Палестина прекинат во 22:14 часот: Коњаспор и Палестина им оддадоа почит на 1.014 загинати спортисти

Палестина и турскиот фудбалски клуб, Коњаспор го прекинаа пријателскиот меч во Коња, Турција, во средата навечер точно во 22:14 за да им оддадат почит на 1.014 спортисти кои ги загубија животите во израелскиот геноцид во Газа од октомври 2023 година.

Токму во тој момент рефлекторите на стадионот се изгаснаа. Кога светлата повторно се запалија, од трибините полетаа конфети, а навивачите фрлија илјадници плишани играчки на теренот, наменети за децата.

Градот Коња го одбележа „Денот на Палестина“ со низа настани во знак на поддршка за палестинскиот народ.

Уште пред почетокот, навивачите изведоа кореографии во спомен на загинатите новинари, фудбалери и деца. Играчите на двете екипи истрчаа на теренот со црни маички со палестинското знаме и пораката: „Палестина е хуманитарно прашање“, по што се сликаа за заедничка фотографија.

Пред самиот крај Коњаспор имаше шанса за победа, но мечот заврши 2:2.

Главниот судија го означи крајот една секунда порано за натпреварот да заврши точно во 22:14 навечер.

На прес-конференцијата по мечот, од клубот објаснија дека тоа било направено намерно, со порака дека натпреварот официјално ќе заврши дури по ослободувањето на Палестина.

Репрезентацијата на Палестина во ноември ги продолжува подготовките за Азискиот куп 2027 со уште два пријателски натпревари.