Струјата е „евтина“ само на хартија: Левица бара реформа на системот за тарифирање

Левица обвинува дека цената на електричната енергија во Македонија изгледа „евтино“ само кога се гледа номинално, додека реалниот товар врз домаќинствата е значително поголем. Партијата бара итна реформа на тарифниот систем, проширување на евтината тарифа и промена на моделот на универзално снабдување.

Од Левица велат дека споредбата на цената на струјата во евра не ја покажува реалната состојба, бидејќи не ја зема предвид куповната моќ на населението. Како аргумент ги посочуваат податоците на Евростат за второто полугодие од 2025 година и мерката PPS (Стандард на куповна моќ), која овозможува споредба на цените меѓу земјите со земање предвид на разликите во куповната моќ.

„Евтина цена не значи автоматски и евтина струја за народот“, наведуваат од партијата, оценувајќи дека сметките за електрична енергија имаат особено голема тежина врз домаќинствата со пониски и просечни приходи.

Левица предлага тарифните блокови да останат, но евтината тарифа да важи подолг временски период. Дополнително, партијата бара воведување зимски и летен повеќетарифен систем, повеќе часовни блокови и „сончева тарифа“, со која би се поттикнувала потрошувачката во периодите на најголемо производство од сончеви електрани.

Како едно од клучните барања, Левица го посочува и воспоставувањето на ЕСМ како универзален снабдувач, наместо актуелниот модел во кој универзалната услуга ја обезбедува ЕВН ХОМЕ.

Од партијата сметаат дека ваквиот модел би овозможил структурно намалување на трошоците за снабдување и поголема контрола врз цената на електричната енергија за домаќинствата.

„Енергетиката не смее да биде инструмент за збогатување на енергетските посредници и олигархијата, туку стратешки сектор преку кој државата ќе обезбеди достапна електрична енергија и заштита на животниот стандард на граѓаните“, порачаа од Левица.