Иницијативата „Стоп за Усје“ повторно го отвора прашањето за економскиот придонес и сопственичката структура на „Титан Усје“, посочувајќи дека значителен дел од остварената добивка се распределува кон сопствениците надвор од земјата. Од иницијативата се повикуваат и на изјава на поранешниот министер за финансии Никола Поповски во интервју за ТВ-магазинот „Трилинг“, во која се говори за економскиот придонес на компании со странска сопственичка структура.
Како што наведуваат од „Стоп за Усје“, компанијата во првото полугодие од 2026 година остварила добивка од околу 13,6 милиони евра, а на 23 септември на Македонската берза е објавена информација за распределба на добивката. Македонската берза го евидентира објавувањето на „Титан Усје“ од тој датум како „Distribution of profit“, додека на 30 јули компанијата ги објавила неревидираните финансиски извештаи за периодот јануари–јуни 2026 година.
„Зошто се брза толку?“, прашуваат од иницијативата, отворајќи го прашањето за сопственичката структура на компанијата и за тоа каде завршува распределената добивка.
Според јавно достапните податоци за сопственичката структура, 95 проценти од гласачките права во „Титан Усје“ ги поседува „ТИТАН ЦЕМЕНТ Холандија Б.В.“, додека останатите 5 проценти се во сопственост на други акционери. Овој податок е наведен и во годишниот извештај на „Титан Усје“.
„Од сите овие податоци, најважно за нас е дека ни во тие останати 5 проценти од 13,9 милиони не се знае дали нешто воопшто останува во Македонија“, наведуваат од „Стоп за Усје“.
Од иницијативата дополнително тврдат дека станува збор за поширок тренд, односно дека и во претходните години значителен дел од добивката бил распределуван кон сопствениците. Тие ја поставуваат тезата дека, паралелно со исплатата на добивката, во земјава треба да се зголемат инвестициите во модернизација на производството и технологии што ги исполнуваат европските еколошки стандарди.
„Додека ние чекаме минимални инвестиции во Македонија, во технологии по ЕУ стандарди, милионите се одлеваат“, порачуваат од „Стоп за Усје“, повикувајќи ги надлежните институции да го следат исполнувањето на законските и еколошките обврски на компанијата.
„Титан Усје“ е дел од групацијата „Titan Cement International“. Самата компанија наведува дека групацијата го поседува мнозинскиот удел во „Титан Усје“, откако во 1998 година влегла во сопственичката структура на скопската цементарница.
Иницијативата „Стоп за Усје“ најавува дека прашањето за економскиот ефект од работењето на компанијата, распределбата на добивката и инвестициите во технологии и заштита на животната средина ќе продолжи да биде дел од нивната јавна кампања.
Следи го Антропол преку Google 
