Руте: Европа треба да има капацитет сама да води војна против Иран и Русија, а не да се ослонува на САД

Генералниот секретар на НАТО, Марк Руте, изјави дека европските членки на Алијансата во иднина треба да располагаат со доволни воени способности за самостојно да се справуваат со безбедносни закани во своето соседство, вклучително и со иранската нуклеарна програма. Руте оцени дека Европа во моментов ги нема потребните капацитети за таква операција, но дека за десет години би можела да ги изгради.

Говорејќи на самитот „Defence & Space“ на „Euronews“, Руте порача дека во иднина Европа треба да може „сама да се грижи за сопствениот двор“, наместо да се потпира на Соединетите Американски Држави.

„Европа не беше во можност да ги отстрани нуклеарните способности на Иран. Не можевме. Немавме капацитети. За десет години ќе можеме и треба да можеме“, изјави Руте, осврнувајќи се на актуелните повеќегодишни програми за зголемување на одбранбените инвестиции во европските земји членки на НАТО.

Руте истовремено ги отфрли руските предупредувања во врска со изјавите на поединечни членки на НАТО за Калининградската област. Тој порача дека Алијансата се смета себеси за одбранбен сојуз и дека нејзината порака е поврзана со спречување на нуклеарни закани.

Москва претходно реагираше на изјавата на полскиот министер за надворешни работи Радослав Сикорски, кој во септември предложи распоредување дополнителни сили во близина на руската граница, со цел, како што беше пренесено, Русија да биде „несигурна што ќе направиме“.

Русија предупреди дека би го употребила „целиот расположлив арсенал“ доколку НАТО држави извршат напад врз руска територија.

Иако НАТО официјално се дефинира како одбранбен сојуз, Алијансата и нејзините членки учествувале во повеќе воени операции надвор од територијата на земјите членки, меѓу кои и интервенцијата во тогашната Југославија, денес Србија и Либија.