Никој не го бере јаболкото – мизерни 4 денари за килограм

Иако преспанскиот јаболкобер официјално започна, овоштарниците во Преспа се празни. Нема берба, ниту откуп на јаболка. Производителите чекаат повисока откупна цена, бидејќи сегашната 4 денари за килограм, велат, е катастрофална. За да платат дневница на еден надничар во бербата, треба да продадат околу 750 килограми јаболка, јавува ТВ Телма.

„Цената на индустриското јаболко е 4 денари, а еден работник бара 50 евра. Со јаболката што ќе ги собереме не можеме да ги платиме работниците. Никој не предава јаболка. Ниска е цената и на конзумното јаболко, 15 денари. Лани индустриското се откупуваше по 10-11 денари, а конзумното 25-30 денари. Годинава цената е катастрофална“, вели Кире Карапалевски, овоштар.

Почетната цена од 4 денари не ги исполнува очкувањата на производителите, нас ние потребана поддршка од државата доколку остане цената на ова ниво, вели Љубе Пампуевски, овоштар.

Годинава дополнителен проблем е и значително намалениот род. Доцните пролетни мразеви уништија дел од насадите, а потоа производството дополнително беше погодено од врнежите од град.

Се очекува реколтата да тежи едвај  50 до 60 илјади тони, дополнителен товар за производителите се и неисплатените субвенции за килограм јаболко од 2024 година.

„Дојдоа за јаболкоберот, го одржаа, се сликаа, не кажаа ништо. Сите овоштари ги чекаа да кажат нешто за тие два денари субвенции за килограм јаболко. Не знам како ќе се издржи оваа берба без исплатени субвенции“, вели Карапалевски.

Во своето обраќање на стартото на јаболкоберот,  министерот Борче Серафимовски, порача дека пласманот на преспанското јаболко е заедничка одговорност и најави поголема сигурност за производителите преку договорен откуп, јасни правила и навремена исплата. Но, денес овоштарите велат дека сè уште нема откуп, а индустриското јаболко се плаќа само 4 денари за килограм, се вели во извештајот емитуван на ТВ Телма..