Во Италија денеска започнува месецот на штрајкови, кој според најавениот распоред ќе ги опфати железничкиот сообраќај, училиштата, здравството, јавната администрација, локалните власти и други дејности, а протестите ќе траат до 30 октомври.
Првиот генерален штрајк го прогласи Конфедерацијата на синдикати на работниците на Европа (CSLE), со поддршка на синдикатот ФИ – СИ пренесе порталот „Аднкронос“.
Денешниот штрајк ќе ги опфати вработените во железничкиот сообраќај, здравството, металургијата, училиштата и локалната администрација, органите за спроведување на законот, приватното обезбедување, поморскиот сектор, како и земјоделството и сточарството. Во железничкиот сообраќај штрајкот ќе трае од 11 до 14 часот.
Синдикатите бараат пониски цени на горивата и основните производи, намалување на даноците и зголемување на платите за да се покријат трошоците за живот, како и мерки за енергетска независност и поддршка на растот и конкурентноста на италијанските компании.
Штрајковите ќе продолжат во текот на октомври во повеќе градови и сектори. Најавени се прекини на работата во локалниот јавен превоз, железницата, поморскиот сообраќај, училиштата и правосудството.
Особено голем број штрајкови се најавени за 16 октомври, кога треба да се одржи 24-часовен национален штрајк на екипажите на компанијата „Изиџет“, како и штрајкови на вработените на аеродромот во Венеција, во јавниот превоз и противпожарната служба.
Кога станува збор за училиштата, штрајкови се најавени за 2, 16 и 30 октомври. За 16 октомври е закажан целодневен национален штрајк на наставниците, раководителите и вработените во образовните установи, на кој повика синдикатот Сиса. Меѓу барањата се зголемување на платите за 20 отсто за да се надомести инфлацијата и решавање на прашањето со несигурните форми на вработување.
Следи го Антропол преку Google 
