Левица: Нема снимка од советничките прашања, но има од политичката монодрама на Ѓорѓиевски

Советничката група на Левица обвинува дека начинот на водење на седниците на Советот на Град Скопје ја ограничува можноста за непосредна дебата и барање одговорност од градоначалникот. Од партијата особено реагираат што од последната седница нема достапна снимка од делот со советничките прашања и реакциите на советниците.

Од Левица велат дека две седници по ред укажуваат на проблемот со новиот принцип на групно поставување и групно одговарање на советничките прашања. Според нив, ваквиот формат го оневозможува советникот веднаш да реагира доколку одговорот е нецелосен или не ја опфаќа суштината на прашањето.

Партијата тврди дека ДПМНЕ повторно инсистирало на модел во кој советниците ги поставуваат прашањата однапред, а градоначалникот подоцна добива непрекинат простор за одговор, без можност за непосредно контрапрашање.

Најголема забелешка Левица има за достапноста на снимките од седницата. Од партијата посочуваат дека токму делот во кој советниците реагирале на начинот на водење на седницата и барале враќање на директната дебата не е достапен, додека снимката од настапот на градоначалникот Орце Ѓорѓиевски е објавена.

„Советничките прашања не постојат за градоначалникот да добие резервиран термин за политички говор“, велат од Левица, нагласувајќи дека нивната цел е избраните претставници на граѓаните да можат да бараат отчет од градоначалникот и градските институции.

Од партијата додаваат дека Советот на Град Скопје има 45 избрани членови кои ги претставуваат граѓаните и дека, според нив, тие не треба да имаат улога на „избрана публика“ на настапите на градоначалникот.