Американците го нападнаа Ирак во март 2003 година со цел да го соборат Садам Хусеин, лажно тврдејќи дека Багдад поседува оружје за масовно уништување
Илјадници Ирачаниизлегоа на улиците на Багдад за да го прослават повлекувањето на американските војници, по повеќе од две децении од инвазијата и окупацијата.

Масата од луѓе се собра долж улицата „Палестина“ во главниот град, додека ирачките безбедносни сили одржаа воени паради во Багдад и Наџаф по повод она што владата го прогласи за Национален ден на суверенитетот.
Американската војска претходно во текот на денот потврди дека последните американски војници ја напуштиле воздухопловната база Ербил, со што формално заврши таканаречената операција „Инхерентна одлучност“, која траеше 12 години.
Премиерот Али ал-Заиди, кој претседаваше со церемонијата на примопредавање, го опиша повлекувањето како почеток на „нова фаза, дефинирана со суверенитетот на Ирак, силата на неговите институции, подготвеноста на неговите сили, единството во донесувањето одлуки и балансираните партнерства со неговите пријатели“.
Соединетите Американски Држави го нападнаа Ирак во март 2003 година со цел да го соборат Садам Хусеин, лажно тврдејќи дека Багдад поседува оружје за масовно уништување. Војната ја остави инфраструктурата на земјата во урнатини, при што загинаа стотици илјади Ирачани, а милиони беа раселени.

Коалициските сили предводени од САД се повлекоа во декември 2011 година, но се вратија во 2014 година, користејќи го заземањето на големи делови од територијата од страна на терористичката група ДАЕШ како повод за обновување на военото присуство.
Сепак, тие не се вратија кога терористите беа пред портите на Багдад, туку откако заканата беше отстранета благодарение на итната воена помош и советниците испратени од Иран, како и мобилизацијата на Ирачаните по верската фатва на големиот ајатолах Сејед Али ал-Систани.
Портпаролот на Пентагон, Шон Парнел, го опиша повлекувањето како „уредно заминување“ и тврдеше дека 12-годишната кампања го „поразила ИСИС (ДАЕШ) како организирана воена закана“.
Командантот на американската Централна команда, адмирал Бред Купер, изјави дека ирачките сили „сега поседуваат капацитет, лидерство и оперативна независност самостојно да се справуваат со заканите за својата татковина“.

„ИСИС не беше поразен од Американците, туку од ирачките сили за отпор против тероризмот, кои оттогаш станаа цел на повторени американски непријателства и напади. Во текот на годините се појавија и бројни обвинувања дека американските сили им помагале на припадниците на ДАЕШ или ги користеле за остварување на сопствените цели. Актуелниот де факто претседател на Сирија, Абу Мухамад ал-Џолани, е жив пример за тоа. Некогаш беше на американската листа на терористи, а подоцна стана американски партнер по неговото доаѓање на власт во арапската земја“, јавува прталот Кајхан.
И покрај повлекувањето на војниците, Вашингтон задржува значително влијание врз Багдад. Соединетите Држави ја задржуваат својата огромна амбасада во Ирак – најголемата американска амбасада во светот – и продолжуваат да ги чуваат ирачките приходи од нафтата во Федералните резерви на САД во Њујорк, ослободувајќи ги средствата според сопствени проценки.

Станува збор за милијарди долари годишно од продажбата на ирачката нафта, кои се префрлаат во Багдад за исплата на шесте милиони државни службеници и функционирање на државата. Вашингтон повеќепати ја користел оваа финансиска зависност како средство за притисок, запирајќи ги испораките на долари со цел да изврши притисок врз ирачките власти. Во април, САД блокираа товарен авион со речиси 500 милиони долари во банкноти и замрзнаа дел од програмите за безбедносна соработка.
Финансискиот притисок се користел и за директно влијание врз ирачката политика. Кога поранешниот премиер Нури ал-Малики се појави како фаворит за премиерската функција претходно годинава, администрацијата на Трамп се закани дека ќе ја повлече целокупната поддршка доколку тој повторно дојде на власт, повикувајќи се на неговата наводна блискост со Иран.
Следи го Антропол преку Google 
