Пентагон го испраќа третиот американски носач на авиони на Блискиот Исток, додека претседателот на Соединетите Американски Држави, Доналд Трамп, ги разгледува следните чекори кон Иран, вклучително и можноста за продолжување на кампањата со бомбардирање по изборите на половина од мандатот, пренесуваат медиумите.
Ударната група на носачот на авиони „Теодор Рузвелт“ во неделата го напушти Сан Диего со меѓу 9.000 и 10.000 војници, а се очекува во регионот да пристигне во ноември.
Засега не е познато дали „Теодор Рузвелт“ ќе замени некој од носачите на авиони кои веќе се наоѓаат во регионот или со неговото пристигнување ќе биде зголемено американското воено присуство.
Во регионот веќе се наоѓаат носачите „Џорџ Х. В. Буш“ и „Џорџ Вашингтон“, кој во август го замени „Абрахам Линколн“ по неговиот долг престој на Блискиот Исток.
„Џорџ Вашингтон“ инаку е распореден во Тихиот Океан и е базиран во Јапонија.
Пентагон, како што се наведува, направил планови „Теодор Рузвелт“ да биде подготвен за подолг престој, вклучително и зголемување на резервите на храна, хигиенски и други потреби, како и подобрување на условите за живот на носачот и комуникацијата на морнарите со нивните семејства.
Началникот на поморските операции, адмирал Дерил Кодл, минатиот месец изјави дека е обезбедена нова опрема за забава, поиздржлива опрема за вежбање, резервни кардио-справи и празнични материјали.
Трамп минатата недела го отфрли иранскиот предлог за седумдневен прекин на огнот, оценувајќи го како неприфатлив.
Иран соопшти дека во тој период би го отворил Ормускиот теснец, додека високи претставници на американската администрација тврдат дека САД веќе испорачуваат нафта преку тој стратешки премин.
Трамп исто така навести можност за продолжување на бомбардирањето на Иран по изборите на половина од мандатот.
„Бидејќи со уништувањето на Иран создадовме мир во светот“, изјави тој вчера за списанието „Тајм“, додавајќи дека со Иран „никогаш не би можеле да имате мир“.
Следи го Антропол преку Google 
