Кинескиот автомобилски гигант BYD официјално пристигна на македонскиот пазар со седум електрични и plug-in хибридни модели. Македонија е 38ми европски пазар на компанијата, а локален увозник е Evolution Auto.
Почетната понуда ја сочинуваат Dolphin Surf, Atto 2 DM-i, Atto 3 Evo, Seal U DM-i, Seal, Seal 6 DM-i и Sealion 7, со што BYD уште од стартот покрива повеќе сегменти – од градски автомобил до голем електричен SUV.
Најдостапен е Dolphin Surf со почетна цена од 26.400 евра, додека Atto 2 DM-i стартува од 30.400 евра. Atto 3 Evo е од 38.800 евра, Seal U DM-i од 39.900 евра, а електричниот Seal од 43.000 евра.
Еден од главните адути на BYD е Blade Battery, сопствена LFP технологија која компанијата ја развива со фокус на безбедноста и долговечноста.
Кај електричниот BYD Seal, зависно од верзијата, производителот наведува досег до 570 километри според WLTP. Кај Sealion 7 се наведува автономија до 502 километри, додека перформансната верзија забрзува од 0 до 100 km/h за околу 4,5 секунди.
Покрај целосно електричните автомобили, BYD ја нуди и DM-i Super Hybrid технологијата. За моделите Seal U DM-i и Atto 2 DM-i производителот наведува комбиниран досег од повеќе од 1.000 километри со наполнета батерија и полн резервоар.
Влезот на BYD носи дополнителна конкуренција на македонскиот автомобилски пазар, особено во сегментот на електрични и електрифицирани возила. Покрај цената и технологијата, за купувачите ќе бидат важни и сервисната мрежа, гаранцијата, достапноста на резервни делови и развојот на инфраструктурата за полнење.
Следи го Антропол преку Google 
