Најавено е големо поскапување на цените во Германија

Сè е поголем бројот на германски компании кои планираат да ги зголемат цените на своите производи и услуги поради повисоките цени на енергенсите, покажува извештајот на минхенскиот Институт за економски истражувања (ИФО).

Индикаторот на ценовните очекувања во септември пораснал на 22,7 поени, од 21,4 поени во август, што укажува дека компаниите сè повеќе ги пренесуваат повисоките трошоци за енергенси врз крајните потрошувачи.

Од Ифо наведуваат дека горивата и мазутот веќе значително поскапеле, додека во текот на зимата се очекува и раст на цените на електричната енергија и гасот.

Притисокот е најизразен во енергетски интензивната индустрија и трговијата, додека цените на суровата нафта, гасот и електричната енергија во септември достигнале највисоки нивоа од крајот на 2022 година.

Годишната инфлација во Германија, според прелиминарната проценка, во септември забрзала од 2,9 отсто во август на 3,3 отсто, што е највисоко ниво од декември 2023 година, покажаа новите податоци на Федералниот завод за статистика (Дестатис).

Потрошувачките цени во Германија на месечно ниво пораснале за 0,6 отсто, а главна причина за тоа бил новиот скок на цените на енергенсите.

Цените на енергенсите во Германија во септември биле за 14,9 отсто повисоки во однос на истиот месец минатата година, што претставува забрзување на растот во споредба со август, кога поскапувањето изнесувало 10,5 отсто.