Илиева: Кој го избира изборот на граѓанинот?

Пишува Катерина Илиева- Комесар на Левица- Дијаспора и член на Секторот Политички систем при Левица

Демократијата нема ништо повеќе од една речиси совршена сцена. Мала кабина, гласачко ливче, пенкало и човек кој сам, без некој да знае, заокружува име или број. Во тие неколку секунди, барем формално, исчезнуваат класата, имотот, функцијата, дипломите, познанствата и политичката биографија. Сите сме сведени на една единица: еден глас за еден човек. Можеби токму затоа толку многу ја сакаме таа слика, чиста е, едноставна и утешна.

Сепак, демократијата не започнува во кабината. Човекот влегува таму откако веќе нешто слушнал, видел, прочитал и врз основа на тоа изградил став. Пред да заокружи број, некој веќе му се обратил; некој бил на телевизија, на насловна страна, на билборд, на флаер, на социјални мрежи.

Некој имал ресурси својата порака да ја повтори сто пати, а некој можеби имал само една прилика да биде слушнат. И тука се појавува суштинската противречност: еднаквоста на гласот останува како формален принцип, а нееднаквоста во пристапот до политичкиот простор станува реален принцип, ако воопшто е тоа принцип?

Демократијата, ако ја сведеме само на процедура, е право на граѓанинот да избира. Но ако ја разбереме како политички поредок во кој народот треба реално да влијае врз насоката на државата, тогаш прашањето станува посуштинско: кој ги создава условите во кои граѓанинот избира? Кој одредува кои идеи ќе стигнат до него, колку долго ќе ги гледа, колку пати ќе ги слушне и кои политички гласови ќе останат надвор од неговото политичко искуство?

Тука започнува вистинската приказна за изборниот закон.

Законот може да ја претвори еднаквоста во бројки, проценти, минути и формули. Кога еднаквоста ќе добие формула, лесно почнува да изгледа како прашање што е веќе решено па така почнуваат да постојат правила, процедури, законска рамка. Натаму политиката не престанува да биде политика само затоа што ете сме ја ставиле во табела.

Ако ресурсите за изборниот натпревар се распределуваат според политичката сила што веќе била освоена, тогаш вчерашниот резултат станува дел од условите за утрешниот избор. Оној што веќе има освоено повеќе гласови добива поголема можност да биде присутен и видлив. Поголемата видливост му овозможува полесно повторно да стигне до граѓаните; а граѓанинот потоа повторно “одлучува”.

На прв поглед, сè изгледа уредно. Сè е според правила. На втор поглед правилото може да произведе политички ефект – политичката моќ што еднаш е стекната полесно се претвора во услов за нејзино повторно стекнување, и така се создава круг што не мора да биде незаконски за да биде политички значаен. За да добиеш гласови, треба да бидеш видлив. За да бидеш видлив, ти треба пристап до јавниот простор и до ресурси. А ако пристапот до дел од тие ресурси зависи од претходно освоените гласови, тогаш изборниот систем не ја регистрира само политичката моќ, тој може, макар и индиректно, да учествува во нејзината репродукција.

Токму тука формалната демократија и реалната политичка еднаквост можат да си кажат “збогум и со здравје”.

Формално, никому не му е забрането да се кандидира. Никому не му е одземено правото на глас. Изборите се одржуваат и секој граѓанин има еден глас. 

Реално ако ја изоставиме демократијата политичко-партиската борба би се одвивала меѓу апстрактни и еднакви единици додека нејзиното присуство ќе побара луѓе и организации со различни материјални средства, различен пристап до јавноста и различна способност својата идеја да ја претворат во политичко присуство.

Токму затоа одлуката на Уставниот суд од 23 септември заслужува да се чита и надвор од тесниот правен јазик.

Судот не поведе постапка по иницијативите што ги оспоруваа одредбите од Изборниот законик поврзани со медиумскиот простор и финансирањето на платеното политичко рекламирање, повикувајќи се и на своето претходно одлучување за истите одредби. Добро. Правната постапка има свој исход. Но политичкото прашање останува: како треба да изгледа еднаквоста во изборен процес во кој дел од политичката видливост се распределува врз основа на претходно освоената политичка сила?

Тука платеното политичко рекламирање станува прашање на односот меѓу капиталот и политиката.

Едно е политичките субјекти да трошат сопствени средства за да купат внимание; друго е политичкото внимание да се купува со јавни средства. Во вториот случај, државата е и арбитер на изборниот натпревар, ама и негов финансиски посредник. Граѓаните преку буџетот го финансираат системот, а потоа истиот систем определува на кој начин дел од тие средства ќе се претворат во политичка видливост.

Оттука произлегуваат две различни, но поврзани решенија.

Првото е решението на парите: укинување на платеното политичко рекламирање финансирано со јавни средства.

Ако демократската држава треба да биде гарант на изборната конкуренција, нејзината улога не мора да биде обезбедување поголем рекламен буџет за политичките субјекти. Јавните средства не мора да бидат мерна единица за тоа колку политичко внимание може да се купи. Со укинувањето на овој модел се прекинува врската во која јавниот буџет се претвора во инструмент за политичко рекламирање.

Второто е решението на просторот: рамноправен медиумски пристап во изборниот период.

Ако ги тргнеме јавните пари од платеното политичко рекламирање, останува прашањето кој ќе има можност да зборува. Затоа мора да постојат јасни и применливи правила за медиумско претставување, јавни дебати, интервјуа и други форми на политичко соочување, преку кои граѓанинот ќе може да ја види, слушне и спореди политичката понуда.

Првото решение се однесува на ресурсот: дали јавните пари треба да купуваат политичка видливост? Второто се однесува на пристапот: дали граѓанинот има реална можност да ги слушне политичките субјекти меѓу кои треба да избира?

На третата власт и е јасно, само некој треба да очигледно и потврди дека демократијата не се исцрпува со тоа што секој граѓанин има по еден глас, односно тоа е нејзината неопходна почетна точка, но не и нејзината цел. 

Изборите постојат за граѓанинот да направи политичка разлика, а таа разлика има демократска тежина само ако е направена врз основа на реално достапна политичка понуда. 

Изборниот систем не смее само да го регистрира исходот од политичката борба. Мора да обезбеди услови во кои таа борба може да се води. Ако едни политички субјекти располагаат со ресурси да ја повторуваат својата порака, а други остануваат надвор од јавниот простор, тогаш нееднаквоста не се создава во гласачката кутија, туку многу порано. 

Затоа едно од двете решенија мора да изнедри, или јавните средства нема да се претвораат во политичка реклама, или јавните сррдства мора да обезбедат еднаков пристап до медиумскиот простор преку кој граѓанинот ќе ја слушне и спореди политичката понуда на сите без непотребно скратена минутажа.

На крајот, изборниот закон не треба да му кажува на граѓанинот кого да избере, туку да спречи некој друг да му одреди кого воопшто ќе има можност да избере. Тоа е границата меѓу изборите како процедура и демократијата како политичка власт на граѓанинот. 

“Си беше еднаш едно време една демократска држава Македонија која на граѓанинот му кажа: “имаш еден глас”. И тука заврши цела бајна приказна за демократијата.

Засега.