Велјановска: Демократија со еднакви гласови во нееднакви услови

Пишува Марија Велјановска-Дипломиран социолог

Модерното општество во кое живееме го истиснува чувството на хиерархија и прогласува еден тип на формална еднаквост на единките, но тоа е спротивно на сите тенденции на општествата.

Марксовото разбирање на граѓанственоста се состои во тоа дека човекот не е само правен субјект кој еднаш на четири години заокружува кандидат на гласачкото ливче, туку и активен член на општеството кој треба да има реален пристап до информации кој го засегаат.
Вистинската еманципација бара човекот да има реална можност за учество во општествениот живот и одлучување за условите во кои работи, живее и си го обезбедува материјалното достоинство.

Од социолошка перспектива, изборите не се само технички процес со кој ги бираме нашите лидери и даваме легитимитет на власта, туку и длабок општествен феномен кој ги изразува класните, културните и идеолошките поделби во општеството.

Маркс ја коментира идејата за слободна држава и предупредува дека државата не треба да се третира како независна сила над општеството. Во контекст на изборниот процес, тоа значи дека институциите треба да бидат подредени на јавниот интерес и да обезбедат еднакви услови за политичко учество.
Ако институционалните правила се применуваат нееднакво или ако одредени политички субјекти се ставаат во понеповолна положба, тогаш државата не ја исполнува својата демократска функција.

Основното прашање кај Маркс не е само кој гласа, туку и кој поседува економска и институционална моќ и како таа моќ се претвора во политичко влијание.
Една од најзначајните тези на марксистичката политичка социологија гласи дека формалната политичка еднаквост не мора да значи и реална еднаквост во политичкото дејствување.

Во случај кога политичко-економските елити располагаат со повеќе ресурси, материјали за кампањи, медиумско присуство и политичко влијание врз јавноста, се создава случај на нееднаквост во политичката моќ а, изборите се претвораат во борба со однапред одреден победник.

Од тука произлегува прашањето: дали економската моќ и контролата врз ресурсите создаваат нееднаква способност за реално политичко дејствување?

Преку неговата критика, Маркс, нѐ принудува да ја разгледаме демократијата како општествен однос на моќ во која изборите истовремено може да бидат формално слободни, а сепак политичката конкуренција да се одвива во услови на нееднакви ресурси.

Заклучокот на Марксовата критика не е дека изборите се бесмислени.
Напротив, тој вели дека политичката борба и организирањето на работничката класа се составен дел од неговата стратегија.Во таа смисла, изборите и политичкото учество може да бидат инструмент на класната борба, но сами по себе не ја елиминираат економската структура која ја произведува нееднаквоста.

Трајната вредност се состои во тоа дека демократијата не се мери само според тоа дали секој има право на глас, туку и според тоа дали и колку различните идеи може да бидат слушнати.

Марксистите говорат за несогласување помеѓу општествата низ текот на историјата во врска со прокламирање на еднаквоста на правата и социјлните нееднаквости. Тие строго ги осудуваат измамите на формално буржоаската граѓанственост и најавуваат вистинска граѓанственост која надоаѓа со текот на Првата индустриска револуција. За марксистите не станувало збор само да се осуди буржоаската граѓанственост, туку и да се оствари вистинска граѓанственост која ќе се користи во иднина.

Фридрих Енгелс во 1895 година повикал на трансформација на правото на глас во буржоаското општество, со цел тоа да престане да биде средство за измама и да стане инструмент за еманципација.
Правото на глас во демократското општество го прави секој оној кој го практикува номинален учесник во заедницата, а тоа номинално учество треба долгорочно да доведе до вистинско учество во општествениот живот.

Најзначајно е тоа што едноставното прокламирање на формалните слободи било прифатено многу пошироко од кругот на марксистичките мислители.

Денес, никој не негира дека правото на слобода на говор, изразување, бирање на своите претставници и славење на сопствениот Бог може да нема реална смисла за оној што во секојдневното постоење нема материјални средства да си го осигура своето достоинство.