Словенија ја укинува деветолетката: од 2028 година основното училиште ќе трае осум години

Словенија најавува голема реформа на основното образование, со која сегашното деветгодишно основно училиште треба да биде заменето со современ модел на осумгодишна основна школа. Промените, според најавите на словенечкото Министерство за образование, би започнале од учебната 2028/2029 година.

Министерот за образование, наука и млади Борут Рончевиќ, го најави новиот модел при претставувањето на резултатите од истражувањето PISA 2025. Резултатите покажале пад на постигањата на словенечките 15-годишници во читање, математика и природни науки, што според министерот претставува сериозно предупредување и потреба од поширока реформа на образовниот систем.

Иако реформата се опишува како укинување на деветолетката, децата и понатаму би имале девет години задолжително образование. Клучната промена е што сегашното прво одделение би било трансформирано во задолжителна предучилишна година, додека основното образование би траело осум години.

Предучилишната година би можела да се реализира во градинка или во просториите на основното училиште, при што би имале поголема улога воспитувачите.

Реформата не се однесува само на времетраењето на основното образование. Планот предвидува и нови наставни програми, промени во националното проверување на знаењето и матурскиот систем, како и поголем акцент на основните знаења и стандардите за оценување.

Според најавите, новата „осумлетка“ треба да донесе порано описменување, дополнителна поддршка за учениците кои заостануваат и поспецифична работа со надарените ученици. Министерството ја претставува реформата како промена на целокупниот пристап кон основното образование, а не само како враќање на поранешниот модел.

Најавените промени, сепак, веќе предизвикаа реакции во образовниот сектор. Здружението на директори на словенечките училишта оцени дека најавата била изненадување и отвори прашања за начинот на кој реформата би се спровела во пракса и за нејзините можни ефекти.

Реакција има и од Здружението на активи на советите на родители, од каде што побараа пред спроведувањето на крупни промени да се направи детална анализа на актуелниот систем. Оттаму посочуваат дека, иако деветгодишното образование функционира повеќе од две децении, сè уште нема целосна евалуација на неговите резултати, предности и слабости.

Словенечкото Министерство за образование најави дека до крајот на септември ќе биде формиран стратешки совет кој ќе работи на подготовката на реформата. Целта е новиот образовен модел да биде подготвен за примена од учебната 2028/2029 година.