Во Културно-информативниот центар во Скопје вечерва во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Феномен – љубов. Низ пукнатината на стварното“ од црногорскиот уметник Иван Ѓуришиќ. Во поставката тој своето внимание го насочува кон љубовта како еден од најуниверзалните и најкомплексните човечки феномени. Преку цртежот и сликата го истражува просторот меѓу видливото и невидливото, материјалното и духовното, рационалното и интуитивното. „Пукнатината на стварното“ станува метафора за местото низ кое се влегува во поинакво разбирање на емоцијата, односите, сеќавањето и постоењето.
Ѓуришиќ дипломирал сликарство на Факултетот за ликовни уметности на Цетиње во 2004 година, во класата на проф. Драган Караџиќ, а магистрирал во 2010 година, во класата на проф. Ратко Одаловиќ. Во текот на повеќе од две децении творештво, реализирал бројни самостојни и групни изложби во Црна Гора и во странство и изградил препознатлив авторски израз.
Изожбата во КИЦ ќе биде отворена до 12 октомври, а потоа, до крајот на годината ќе биде претставена и во Нови Сад, Србија, и во Кошице, Словачка.
Следи го Антропол преку Google 
