Ревизија утврди дека системот за заштита и спасување не е подготвен за спасување од катастрофи

Системот за заштита и спасување во Македонија не располага целосно со потребната подготвеност за навремено и ефикасно справување со катастрофи, покажува ревизијата на Државниот завод за ревизија. Во услови на сè поголема изложеност на шумски пожари, поплави и екстремни временски услови, утврдени се слабости во стратешкото планирање, институционалната координација, човечките и материјалните ресурси, финансирањето и модернизацијата на системот.

Ревизијата била спроведена на тема „Градење на систем за управување со кризи, заштита и спасување преку инвестиции во опрема и ресурси, одржување на средства со цел да се зголеми оперативноста, ефикасноста и ефективноста“, со цел да се утврди дали системот за заштита и спасување е соодветен за ефикасен одговор при катастрофи.

Еден од најизразените ризици се шумските пожари. Според податоците од „Предвремениот извештај за шумските пожари во Европа, Блискиот Исток и Северна Африка за 2024 година“, во Македонија во 2024 година биле регистрирани 97.660 хектари изгорена површина. Тоа е највисоко ниво во последната деценија и е поголемо од вкупната изгорена површина во претходните шест години заедно.

Податоците на ЈП „Национални шуми“ покажуваат дека од 2023 до 2025 година биле опожарени 82.714 хектари, со 914.657 кубни метри изгорена дрвна маса и причинета штета проценета на 133.663.967 евра. Само во 2024 година штетата изнесувала 83.121.333 евра.

Слабостите во системот биле нотирани уште во 2018 година, при скринингот спроведен од Европската Унија преку Европскиот механизам за цивилна заштита. Сепак, и покрај повеќе преземени иницијативи, ревизијата покажала дека реформите не се спроведени во целост.

Државата нема донесено нова Национална стратегија за заштита и спасување. Последната стратегија важела до 2018 година, додека нацрт-стратегијата за периодот 2026–2030 година сè уште не е усвоена. Не е донесена ниту Годишна програма за заштита и спасување, а Планот за заштита и спасување на Републиката не е ажуриран. Дополнително, процената на загрозеноста од природни непогоди и други несреќи датира од 2007 година и не е усогласена со новите ризици и современите услови.

Според ревизијата, ваквиот недостаток на стратешки документи значи и отсуство на јасно определени приоритети, насоки за развој и сценарија за постапување во услови на катастрофи. Проблеми има и кај оперативните сили. Тие се соочуваат со недоволен број вработени, недостиг на опрема и недоволно развиени механизми за следење на нивната ефикасност. Планинското спасување, пак, не е законски уредено како дел од оперативните сили во системот за заштита и спасување.