Нови сознанија за „Мрдаја“: Дојран крие населба стара повеќе од 3.500 години

Археолошките истражувања на праисториската наколна населба „Мрдаја“ во Дојран, носат нови сознанија за луѓето што живееле на езерскиот простор, а најновите наоди сугерираат дека населбата можеби започнала да се развива значително порано отколку што досега се претпоставуваше.

Истражувањата и оваа година се реализираат со учество на археолошки тим од НУ Завод за заштита на спомениците на култура и Музеј – Струмица, предводени од археологот, м-р Зоран Рујак, а се поддржани од Министерството за култура и туризам на Македонија.

Овогодишната истражувачка кампања е насочена кон утврдување на содржините, просторните габарити и хронологијата на населбата. Како што пренесуваат од НУ Завод за заштита на спомениците на култура и Музеј – Струмица, „уште на самиот почеток, истражувањата дадоа непроценливи сознанија со кои животот во населбата започнал многу порано отколку што досега се мислеше“.

Досега „Мрдаја“ се поврзуваше со доцното бронзено време и со преодот од бронзеното кон железното време. Но, новите археолошки наоди, упатуваат на можноста дека животот започнал уште во средното бронзено време, односно во првата половина на вториот милениум пред нашата ера.

Одредени наоди покажуваат и широка трговска активност со далечните региони, па дури и со бронзанодопската населба на локалитетот „Цареви Кули“ во Струмица.

Паралелно со истражувањата, во тек е и изработка на Основен проект за Музеј на вода во Дојранското Езеро. Замислата е преку музејски и изложбен простор да се претстават праисториската населба, животот на нејзините жители и археолошките предмети пронајдени во текот на истражувањата., а според НУ „Завод и музеј – Струмица“, неговата реализација би придонела Дојран да стане значаен пункт за развој на културниот туризам.

Археолошките истражувања на овој локалитет низ годините, укажуваат дека станувало збор за наколна населба со повеќе платформи поврзани со дрвени мостови. Остатоците од дрвените колци откриваат сложена конструкција и внимателно организиран простор над и покрај езерото.

Интересно е што во претходните истражувања бил откриен уникатен праисториски сад со соларна декорација, стар повеќе од 3.200 години. Ваквите предмети не се само сведоштва за секојдневниот живот, тие можат да помогнат и во разбирањето на естетските и духовните навики на населението што живеело на брегот и во водите на Дојранското Езеро.

Може да ве интересира