Шпанско-египетски археолошки тим во Сахара откри извонредна гробница од доцната Петта династија, со две погребни капели и шарени релјефи на кои се прикажани земјоделски активности и поворки со дарови.
Шпанско-египетска археолошка мисија, предводена од шпанскиот египтолог Жозеп Сервељо, откри „впечатлива и прекрасна“ гробница која датира од доцната Петта династија на Старото египетско царство (2494–2345 г. пр.н.е.), во некрополата Сахара, југозападно од Каиро.
Откритието е направено за време на летните ископувања, предводени од Автономниот универзитет во Барселона (UAB) и Врховниот совет за антиквитети на Египет. Станува збор за исклучителна мастаба со две погребни капели, изградена по нарачка на Јунмен, висок функционер за време на владеењето на фараонот Џедкаре Исеси. Тој наредил таму да биде погребан и неговиот татко Ити, функционер со понизок ранг.
Египетското Министерство за туризам и антиквитети потврди дека гробницата датира од крајот на Петтата династија, од времето на владеењето на Џедкаре Исеси, и се наоѓа во некрополата Мариет, северно од Сахара. Според соопштението, таа содржи „две погребни капели што им припаѓале на двајца високи функционери, Јунмен и неговиот татко Ити“.
Според Автономниот универзитет во Барселона, гробницата овозможила идентификување на фигури од големо историско, општествено и културно значење. За археолошкиот тим, откритието претставувало и изненадување поради богатството и убавината на споменикот.
Меѓу најзначајните елементи се издвојуваат висококвалитетниот архитрав и погребните текстови, прилагодени на ликот и функциите на сопственикот на гробницата. Египетското Министерство, исто така, ја истакнува исклучителната зачуваност на сцените и релјефите, на кои се прикажани „земјоделски активности и поворки со дарови“. Многу од нив, како што се наведува, „ги задржале своите оригинални бои“.
Декорацијата вклучува и претстави на магариња и други животни. Според египетските власти, откритието „обезбедува нови и вредни податоци за архитектурата, уметноста и административниот живот на древен Египет на крајот од Петтата династија“.
Покрај историската и научната вредност, мастабата се издвојува и по својата убавина. Археолозите сметаат дека двојната гробница можеби го одразува општествениот подем на Јунмен, син на провинциски функционер кој се искачил на висока позиција во централната администрација и сакал да ја сподели својата погребна судбина со својот татко.
Подрачјето е познато уште од ископувањата што во XIX век ги спровел Огист Мариет, но никогаш претходно не било детално проучено и документирано. Истражувањето имало цел да ја реконструира топографијата на Сахара и да ја разбере некрополата како жив простор во кој древните Египќани носеле дарови и континуирано работеле на изградбата на погребни споменици.
Целта е да се разбере како некрополата била организирана и како функционирала – од нејзините улици и плоштади до движењето на луѓето и одржувањето на култните ритуали.
Анализата на мапите и реконструкцијата на распоредот го одвеле тимот до претходно непозната мастаба, како и до индикации за постоење на уште две во непосредна близина. Археолозите се надеваат дека тие ќе можат да ги истражат во текот на идните сезони на ископувања.

Следи го Антропол преку Google 
