Борче Богоевски и Татјана Ристовска со две самостојни изложби во Ресен

Во петок, на 18 септември, од 19 часот, во Домот на културата „Драги Тозија“ во Ресен паралелно ќе бидат отворени две самостојни изложби на визуелните уметници Борче Богоевски и Татјана Ристовска.

Богоевски ќе се претстави со изложбата „А хајгер спејс“ („A higher space“), која носи современ ликовен израз и преку делата ги истражува комплексните визуелни и симболички односи меѓу светлината, просторот и човековата перцепција.

Централна точка во овој циклус се облаците. За мене облакот не е само појава на небото, туку гранична состојба – место каде материјата станува неодредена, формата се ослободува од сопствената граница, а видливото упатува кон нешто што не може целосно да се именува. Тие се симбол на движење, промена и трансформација, но и медиум низ кој го одразувам внатрешниот свет на човекот –  вели уметникот Борче Богоевски.

Изложбата ја сочинуваат слики, масло на платно во ербраш техника и една скулптура.

„Изворни конекции“ е насловот на изложбата на Татјана Ристовска, која го прикажува нејзиното лично патување – процес на навраќање кон себеси, кон поврзаноста со природата и луѓето, односно кон суштината. Станува збор за инсталација со теракотни елементи што носат траги од искуствата, предизвиците и внатрешните преобразби кои ја обележале минатата година. Дел од елементите се создадени во студиото „Керакамика“ од клиентите кои редовно го посетуваат.

 Најголемиот дел од елементите се создадени во Преспа – реон кој за мене претставува втор дом и нуди неисцрпна инспирација за творештво, а останатите се создадени во Скопје, во нашето керамичко ателје. Користени се повеќе видови глина од различни региони на Македонија: Преспа, Неготино, Куманово и Велес. Природните разлики во составот на земјата создаваат богата палета на црвени теракотни нијанси, претворајќи ја материјата во сведоштво за различноста. Керамиките свесно ги обединуваат четирите елементи – земјата создава, водата обликува, воздухот суши, а огнот ја довршува трансформацијата – вели уметницата Ристовска.

Може да ве интересира