Стојкоски го одликува сопартиецот Сокол Митровски со годишната награда „Ѓорче Петров“ наместо успешни луѓе од општината – од Левица велат: ДПМНЕ го проби дното

Наместо највисокото општинско признание да биде јавна потрага по најдоброто што го создало Ѓорче, владејачкото мнозинство го претвори во церемонија на меѓусебно честење во сопствениот политички круг

Општина Ѓорче Петров има млади луѓе кои освојуваат медали, спортисти кои го носат името на Ѓорче низ Македонија и надвор од неа, уметници, музичари, писатели, научници, просветни работници, хуманисти и луѓе кои со години создаваат нешто вредно без партија да им го расчистува патот. Ѓорче е ризница на талентирани и успешни луѓе. Но, за власта на ДПМНЕ, очигледно, ниту еден од нив не е доволно заслужен колку нивниот поранешен градоначалник и сопартиец – Сокол Митровски, реагираат од Левица.

„По предлог на актуелниот градоначалник Александар Стојкоски, советниците на ДПМНЕ и ЗНАМ денес одлучија токму Митровски да ја добие годишната награда „Ѓорче Петров“, и тоа пред поетот Васил Дрвошанов. Наместо највисокото општинско признание да биде јавна потрага по најдоброто што го создало Ѓорче, владејачкото мнозинство го претвори во церемонија на меѓусебно честење во сопствениот политички круг. Уште поскандалозен е начинот на кој се дојде до изборот. Комисијата се соочила со само еден пријавен кандидат, по што градоначалникот практично влегува во постапката со дополнителен предлог и предлага поранешен градоначалник од сопствената политичка матрица. Потоа истото политичко мнозинство го изгласува. Ако наградите се делат така што власта предлага свој човек, власта го оценува и власта го избира, тогаш тоа повеќе не е општинско признание, туку партиски орден платен и институционализиран од Општината. И изборот на Сокол Митровски дополнително ја прави одлуката политички неодбранлива. Станува збор за човек кој цели 12 години ја водеше Општина Ѓорче Петров, период за кој граѓаните имаат повеќе од доволно причини критички да прашуваат што точно е наследството што денес ДПМНЕ одлучи свечено да го наградува. Во 2017 година Митровски беше приведен, а Основното јавно обвинителство отвори истрага во која беше осомничен за злоупотреба на службената положба во случај со незаконска приватизација на општинско земјиште, а Обвинителството тогаш соопшти дека проценетата штета надминувала четири милиони денари. Годишната награда „Ѓорче Петров“ му припаѓа на Ѓорче и треба да биде признание за луѓе чии достигнувања претставуваат пример за заедницата. Особено во општина во која младите со години сами си бараат простор за спорт, култура и развој, навредливо е токму нивната локална власт да им испрати порака дека најкраткиот пат до највисокото признание не е исклучителниот резултат, туку долгогодишниот партиски стаж“, се вели во соопштението на Левица.

Оттаму прашуваат колку млади спортисти од Ѓорче освоиле државни и меѓународни признанија? Колку уметници, поети, музичари и културни работници работат речиси без никаква општинска поддршка? Колку наставници, лекари, професионалци, активисти и хуманисти никогаш нема ни да бидат предложени затоа што немаат градоначалник што лично ќе го внесе нивното име пред комисијата?

„Стојкоски очигледно не успеа да излезе од сенката на својот политички претходник, па сега реши и официјално да му закачи медал. Наместо да создаде генерација што ќе го надмине минатото, ДПМНЕ го наградува минатото и си честита самото на себе“, додаваат од партијата.