„Кога немаат одговор, напаѓаат лично“: Советникот Петар Здравевски од Левица за хаосот во Кисела Вода, притисоците и потребата од промени

Последната седница на Советот на Општина Кисела Вода, која ја одбележаа жестоки расправии и меѓусебни обвинувања, повторно ги отвори прашањата за начинот на кој се води политичката дебата во локалната самоуправа. Во интервјуто, советникот Петар Здравевски од Левица зборува за конфликтот со претседателката на Советот, обвинувањата за политички притисоци и лични напади, но и за проблемите со градинките, инфраструктурата, загадувањето и младинската политика. Тој оценува дека на Кисела Вода ѝ е потребна промена во начинот на управување и наместо партиски поделби предлага општина во која граѓанинот ќе биде во центарот на политиките. Во интервјуто ги претставува и мерките што Левица ги предлага за младите семејства, градинките, инфраструктурата и животната средина.


Пред неколку дена во фокусот на вниманието беше видеото од кое се доби впечаток дека вие сте во жестока расправа со претседателката на Советот на Општина Кисела Вода, Светлана Колариќ. Што точно се случи тогаш?

Хаосот на последната седница беше кулминација на нешто што трае веќе подолго време. Ние како советници на Левица постојано поставуваме конкретни прашања за проблемите со кои се соочуваат граѓаните, а наместо конкретни одговори, понекогаш добиваме нервоза и обиди дискусијата да се пренасочи на личен план.

На последната седница прашањата беа многу конкретни, односно за состојбата во градинките, за бројот на воспитувачки и негувателки, за почитувањето на нормативите, но и за квалитетот на реконструкцијата на улица „Речиште“.

Јас не се плашам од политички конфликт кога се бориме за интересот на граѓаните. За тоа сме избрани – да прашуваме, да критикуваме и да бараме одговорност.

Но исто така сметам дека политичкиот конфликт мора да има граница. Можеме жестоко да не се согласуваме, но на крајот сите треба да работиме за истите граѓани.

Кога ќе заврши седницата, улицата останува иста и за оној што гласал за ВМРО-ДПМНЕ, и за оној што гласал за Левица, и за оној што не гласал за никого.


Вие тогаш ја обвинивте владејачката коалиција за политичко силеџиство. Дали и во други наврати сте имале слично искуство?

Да, за жал, ова не е првпат.

За мене проблемот е што наместо аргументирана политичка дебата, сè почесто гледаме надвикување, притисок и лични напади. Кога нема одговор на конкретното прашање, најлесно е да се нападне оној што го поставува.

Во текот на седниците и во јавноста се спомнува и моето семејство, се зборува за татко ми, ме прашуваат што сум пиел и што сум конзумирал, ми се кажува дека треба да се вработам и се обидуваат да создадат впечаток дека затоа што сум бил млад и невработен човек, немам право да зборувам за проблемите на граѓаните.

Но, ако имам поставено прашање за градинките, за улиците или за трошењето на јавните пари, каква врска има тоа со мојот татко, со тоа што сум пиел или со тоа каде сум работел?

Кога немате одговор на прашањето, почнувате да го напаѓате човекот што го поставува. Тоа не е аргумент, тоа е бегање од одговорност.

Но јас не сакам политиката да ја сведуваме на лични пресметки. Сакам да се натпреваруваме во идеи, во решенија и во резултати. Ако некој има подобра идеја од нашата, јас сум прв што ќе ја поддржам ако е во интерес на граѓаните.


Кисела Вода е општина со бројни проблеми и недостатоци. Дали актуелниот состав на Советот има капацитет да ги реши?

Досегашното работење не го покажува тоа.

Кисела Вода со години е под власт на ВМРО-ДПМНЕ, а голем дел од проблемите остануваат исти – лоша инфраструктура, недостиг на кадар во градинките, проблеми со канализација, паркинг, загадување и недоволно квалитетни јавни услуги.

Не можете со години да ја водите општината на ист начин, а потоа од граѓаните да очекувате да веруваат дека следниот пат ќе биде поинаку.

Не можеме постојано да гласаме за ВМРО-ДПМНЕ и да очекуваме различен резултат.

Но мојата критика не е насочена кон луѓето кои гласале за ВМРО-ДПМНЕ. Напротив. Јас разговарам со сите граѓани и ги разбирам нивните разочарувања, без разлика за кого гласале.

На крајот на денот, Кисела Вода е една општина и проблемите се заеднички.

Затоа сметам дека ни е потребна политичка промена. Левица нуди поинаков начин на управување, но промената за мене значи нешто повеќе од промена на ВМРО-ДПМНЕ, односно значи општина во која граѓанинот е поважен од партиската книшка.


Дали вие, како млад советник, имате решение за Кисела Вода?

Да. И тоа не е едно големо ветување, туку пакет конкретни политики.

За младите, на пример, предложивме општински градежни парцели по симболична цена од едно евро по квадратен метар за млади семејства, повеќедетни семејства и самохрани родители. Тоа се мерки кои можат директно да им помогнат на луѓето да создадат дом и семејство во Кисела Вода.

За градинките – повеќе кадар и почитување на нормативите.

За инфраструктурата – квалитетна изведба и контрола на секој потрошен денар, а не само свечено пуштање на улици кои после неколку месеци повторно се поправаат.

За животната средина – конкретни мерки против загадувањето, а не само декларативна грижа.

Но најважно, решението е општината конечно да почне да работи за граѓаните, а не само за членовите на партијата што е на власт.

И не сакам Кисела Вода да ја делиме на „наши“ и „нивни“. Кога решаваме проблем со улица, градинка, паркинг или загадување, тоа не е партиски проблем. Тоа е проблем на сите граѓани.

Ние не сакаме само да го замениме ВМРО-ДПМНЕ. Сакаме да ја смениме логиката на управување, односно од партиска општина во општина што им припаѓа на граѓаните.


Дали локалната самоуправа прави доволно за младите?

Не. И мислам дека тука мораме да бидеме искрени.

Младинската политика често се сведува на концерти, настани и еднократни активности. Тоа е убаво и потребно, но тоа не е суштинска младинска политика.

Млад човек во Кисела Вода не бара само забава. Бара работа, пристојна плата, можност да си обезбеди дом, квалитетен јавен превоз, спортски и културни содржини и безбедна и уредна средина за живеење.

Младинска политика не е да им кажете на младите „останете тука и создавајте семејство“. Младинска политика е да создадете услови поради кои тие ќе сакаат да останат.

Ако сакаме Кисела Вода да има иднина, мора да инвестираме во младите денес, и тоа не со празни пораки, туку со конкретни политики.

Не е важно дали еден млад човек гласа за Левица, ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ или воопшто не гласа. Ако живее во Кисела Вода, тој е наш сограѓанин и општината мора да работи за него.

Ние не ги гледаме младите само како гласачи. Ги гледаме како луѓето кои треба да ја живеат и градат Кисела Вода во следните децении.

Затоа мојата генерација не треба само да се жали дека ништо не функционира. Треба да се организира, да влезе во институциите и да покаже дека може подобро.

Ако сакате промена, не чекајте некој друг да ја направи. Приклучете се на Левица и направете ја со нас.