Пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил, реагира на изјавите на премиерот Христијан Мицкоски и на ставовите што ги пласираат провладините медиуми во врска со државните симболи, химната и националното единство. Исмаил ја критикува тезата дека прашањата за химната, знамето и грбот се „балкански теми“ и тврди дека слабата државна кохезија и постојаното оспорување на заедничките симболи може да придонесат за слаби институции и економска стагнација.
Вчера, сосема случајно ја слушнав (во целост, не пренесена од портали) изјавата на Мицкоски после, очигледно, провокаторското прашање на малициозен новинар. Настрана мотивите на новинарот, но она што Мицкоски го изнакажа, просто не ми се веруваше што слушам! Премиерот на Македонија – една толку етнички сензитивна држава, со буквално паралелни државни устројства по етничка линија (можам слободно да ја бранам и тезата дека во Македонија де-факто преовладуваат федералните елементи наспроти унитаризмот, кој е останат само де-јуре) НЕ МОЖЕ ДА НАПРАВИ РАЗЛИКА ПОМЕЃУ НАЦИЈА/НАЦИОНАЛНО И ЕТНИКУМ/ЕТНИЧКО?!
Јас искрено се надевам дека советниците во Владата ќе се позанимаваат со ова, колку што знам Александар Спасеноски е дел од советниците во Владата, за кој со сигурност знам дека јасни му се овие дистинкции и особено многу му е јасно и свесен е за важноста во нивното прецизно користење.
Туку, настрана од лупетањето на Премиерот, посериозно е она што подоцна, како реакција на неговата изјава, се разви како теза во медиумите блиски до ДПМНЕ. Имено, во кратки црти, тие демек, во одбрана и хвалоспев на Премиерот, се обидоа да развијат приказна дека химната, грбот и знамето се теми за Балканци (демек сиромашни и неразвиени) и дека тие не се важни онаму каде има високи плати и висок стандард. Па уште и за пример ја посочија Швајцарија?!
Прво, ова е тотално погрешна споредба. Македонија и македонскиот народ немаат никаква контекстуална сличност со државата Швајцарија, освен можеби во влажните соништа на фашистичките колаборатори Тодор Александров и Ванчо Михајлов, кои, нели, сакаа да ја прават Македонија Швајцарија на Балканите. П. С. Апсолутно не е случајно што оваа идеја е токму на овие двајца…
Швајцарски народ нема, тоа е држава создадена како резултат на религиски прогони, па во тој контекст и граѓански војни. Па дури ни денес Швајцарија нема две химни, една за Германци и друга за Французи.
И второ, поважно, зошто па целата теза да не биде поставена наопаку. Кој ни гарантира дека не е економски слабата и институционално нефункционална држава, меѓу другото, и последица на слабата државна кохезија и постојаното оспорување на заедничките државни атрибути?
Зошто автоматски прифаќаме дека причинско-последичната врска мора да оди: сиромаштија → луѓето се занимаваат со симболи и поделби?
Зошто да не ја поставиме и обратно: НЕпостоење на политичка и национална кохезија → слаби институции → слаб капацитет на државата → економска стагнација и сиромаштија?
Не велам дека платите во Македонија се ниски затоа што некој не ја почитува химната. Не е тоа поентата. Сакам да кажам нешто многу посериозно. Држава во која постојано се преговара околу тоа што воопшто е заедничко, држава во која дел од политичките елити сакаат етнички да ги раздвојуваат симболите, институциите, јавниот простор и чувството на припадност, многу потешко гради силна политичка заедница. А слаба политичка заедница многу потешко создава силна држава.
И еве, кога сме кај Швајцарија: швајцарската армија дисциплински постапувала против регрути кои позирале со албанско знаме, бидејќи тоа било спротивно на правилата за носење ознаки и униформа. Во еден случај од 2016–2017 година, регрути од единица наречена „Zug Shipi“ биле испрашувани и им се заканувала дисциплинска санкција поради фотографија поврзана со албанско знаме; швајцарската армија јасно ставила до знаење дека проблемот е употребата на ознаката во рамки на униформата, а не фактот дека тие се Албанци. (линк во коментар)
Така да, можеби ако навистина сакаме Македонија да биде силна, богата и функционална држава, тогаш можеби треба да престанеме да се потсмеваме на прашањата на државното единство како на „неважни балкански теми“..?
Освен тоа, во македонската химна нема ништо антиалбанско, ниту пак во другите државни симболи/инсигнии. Најголемата иронија во целата оваа приказна е што македонската државност не е родена како проект на етничко затворање. Напротив, македонскиот народ ја извојувал својата слобода во антифашистичката борба и ја создал својата државност во НОБ и АСНОМ. Па македонците немаат друга држава каде институционално ќе можат да го развиваат народниот потенцијал, за разлика од албанците на пример, каде тој потенцијал е поддржан од два државни буџета.
И на крај, самата химна „Денес над Македонија“ е историски поврзана со тој ослободителен процес: напишана е во 1941 година, а подоцна станала химна на Народна/Социјалистичка Република Македонија и, по осамостојувањето, државна химна на независната Република Македонија. Имаме историски фигури кои совршено ја уриваат тезата дека македонската химна/државност е антиалбанска, па еден Џеват Аголи стоел со почит и респект пред истата денешна химна, напиша тој на својот Фејсбук профил.
Следи го Антропол преку Google 
