Франција во нов бран штрајкови: Работниците против политиката на штедење

Франција повторно се соочува со силен бран синдикални мобилизации против владините буџетски политики и намалувањето на средствата за јавните услуги.

На 29 септември е најавена голема национална мобилизација во јавниот сектор. На штрајк повикуваат сите главни синдикални организации во јавната администрација, а меѓу најзасегнатите сектори се здравството, образованието, пожарникарите и локалните јавни служби. Синдикатите бараат повисоки плати, подобри услови за работа и повеќе средства за јавните услуги.

Зад протестите стои пошироко незадоволство од политиката на буџетско штедење. Според ЦГТ, во време кога државата издвојува огромни средства за воени расходи и продолжува со поддршка за големите компании, јавниот сектор се соочува со замрзнати плати, намалување на средствата и недостиг на кадар.

Притисокот доаѓа и од енергетскиот сектор. На 14 септември штрајкот на работниците во францускиот електроенергетски сектор привремено намали околу 6,5 гигавати производствен капацитет, при што синдикатите протестираа против плановите за намалување на дел од бенефициите на вработените.

Во меѓувреме, владата на премиерот Себастијан Лекорни се обидува да го подготви буџетот за 2027 година во услови на силен политички и синдикален притисок. Владата најави и намалување на дополнителниот даночен товар за најголемите компании, што дополнително ги засили критиките од синдикатите.

Француските протести повторно го отвораат истото класно прашање: кој треба да ја плати цената на буџетските дефицити – работниците и јавните услуги или најпрофитабилните компании и најбогатите?

За синдикатите, одговорот е јасен: штедењето не смее да се спроведува преку намалување на платите, вработувањата и јавните услуги, додека истовремено се зголемуваат воените расходи и се задржуваат поволностите за крупниот капитал.