Во Македонија непрекинато расте индустријата на таканаречените „брзи кредити“. Во 2025 година граѓаните и фирмите преку финансиските друштва се задолжиле со повеќе од 207,5 милиони евра, што претставува годишен раст од дури 20,3 проценти.
Само на крајот од 2024 година финансиските друштва имале 227.706 активни кредитни договори со физички лица, со вкупна вредност од 9,2 милијарди денари што секако не е мал сегмент од финансискиот пазар. Станува збор за масовна појава што навлегува директно во секојдневниот живот на стотици илјади граѓани.
Особено загрижува фактот што институциите веќе констатираат неправилности. Во 2026 година биле изречени 22 глоби за 16 финансиски друштва, како и 23 писмени наредби за отстранување утврдени неправилности. Притоа, постојат и пријавени случаи на злоупотреба на лични податоци, при што граѓани биле задолжувани со кредити што воопшто не ги подигнале.
Проблемот не е само во висината на каматата. Проблемот е во целиот модел на бизнис: профитот расте токму таму каде што расте финансиската несигурност на населението. Колку е посиромашен граѓанинот и колку итно му требаат пари, толку полесно станува клиент на компанија што заработува од неговата потреба.
„Во брз кредит влегов затоа што немав друг избор. Ми требаа пари веднаш, а не затоа што сакав да се задолжувам. Потоа почна маѓепсаниот круг – една рата, па нов трошок, па ново задолжување. На крајот работиш само за да враќаш долгови.
Најмногу ме боли што системот знае дека луѓето земаат вакви кредити кога се во нужда, а токму тогаш од нив се бара да платат најмногу. Човек што едвај врзува крај со крај не смее да биде плен на финансиски компании.
Ова не е слобода на избор кога изборот ти е меѓу долг и немаштија. Сакам државата конечно да застане на страната на граѓанинот и да стави крај на ова должничко робство.“ -изјавува револтиран граѓанин кој ни пиша порака за помош.
Брзите кредити мора да бидат ставени под најстрога можна регулација. Мора да има јасни ограничувања на вкупните трошоци, провизиите и казнените механизми, целосна транспарентност на условите и сериозна контрола на начинот на кој се одобруваат кредитите и се обработуваат личните податоци.
Следи го Антропол преку Google 
