Жителите на скопската населба Маџари реагираат на најавите за отворање 24-часовно казино во објектот на поранешна „Славија“ на улицата „Ордан Поп Јорданов“ бр. 56, каде што во моментов се изведуваат градежни активности.
Според неофицијални информации на жителите, објектот се подготвува за отворање казино и автомат-клуб со непрекинато работно време. Поради загриженоста за локацијата на објектот и неговата близина до објекти што ги користат деца и граѓани, жителите започнаа петиција со која бараат надлежните институции да извршат проверки пред евентуалното издавање дозвола.
Во петицијата до Министерството за финансии, граѓаните бараат официјално да се провери дали објектот ги исполнува сите законски услови за отворање казино, автомат-клуб и игри на среќа, како и да се измери неговото растојание од најблиските образовни установи.
Според мерењата наведени во петицијата, објектот се наоѓа на околу 360 метри од ООУ „Вера Јоциќ“ и на околу 480 метри од ООУ „Наум Наумовски-Борче“. Жителите бараат надлежните институции официјално да ги утврдат овие растојанија.
Особена загриженост кај жителите предизвикува и непосредната близина на други објекти и простори што ги користат деца. Како што наведуваат, на околу 80 метри се наоѓа детско игралиште со лулашки, на околу 50 метри парк каде што секојдневно играат деца, додека Здравствениот дом „Маџари 1“ се наоѓа на околу 30 метри од предметниот објект.
Со петицијата, жителите бараат да се земат предвид интересите и безбедноста на децата и младите кои живеат, учат и се движат во оваа населба. Тие бараат да не се издаде работна дозвола доколку се утврди дека не се исполнети законските услови, како и надлежните институции да ги разгледаат сите околности поврзани со локацијата.
Жителите на Маџари со петицијата бараат институциите да реагираат пред евентуалното отворање на објектот, а не откако казиното ќе започне со работа.

Следи го Антропол преку Google 
