Советникот од Левица во Советот на Општина Кисела Вода, Петар Здравевски, ја обвини локалната власт предводена од ВМРО-ДПМНЕ за „политичко силеџиство“ и обид за замолчување на опозицијата на денешната седница на Советот на Општина Кисела Вода. Здравевски посочува дека наместо одговори на прашањата за недостигот на воспитувачки и негувателки во општинските градинки, пренатрупаните групи и проблемите со новоасфалтираната улица „Речиште“, советниците на Левица добиле напади и политички театар. Дополнително, тој реагира и на, како што вели, внесувањето на членови на семејството во политичката дебата, оценувајќи дека тоа претставува обид да се дефокусира јавноста од проблемите со работата и трошењето на средствата во Општината.
Неговиот статус ви го пренесуваме во целост:
Чувстувам потреба да се обратам на граѓаните за хаосот на последната седница на општина Кисела Вода.
Последната седница на Советот на Општина Кисела Вода беше уште еден пример за класично силеџиство на мнозинството предводено од ВМРО-ДПМНЕ, во отсуство на одговори за неквалитетното, нестручното и нетранспарентното работење на Општината.
Причината за нервозата е едноставна.
Како советници на Левица побаравме одговори зошто во градинките низ Кисела Вода нема доволно воспитувачки и негувателки, поради што групи со деца работат над законски пропишаните нормативи.
Наместо одговор добивме нервоза од Градоначалничката и место решение – напади.
Наместо одговорност за неработењето и нестручното работење добиваме обид да се замолчи опозицијата.
Дополнително, очигледно ги заболе и моето последно видео на Левица – Кисела Вода, во кое со раце корнам асфалт од новоасфалтираната улица „Речиште“.
Зошто?
Затоа што асфалтирањето е фушерајски изведено. Шахти се затворени со асфалт, дел не се соодветно нивелирани, на одредени места има поставено дури и дрвена иверица, а граѓаните дополнително се соочуваат со барања за плаќање приклучок на новата водоводна мрежа.
И повторно, наместо одговори за овие проблеми, добивме политички театар.
Градоначалничката се обиде да се претстави како жртва на некакво „заканување“, иако на седницата таа самата јавно го спомна мојот татко и неговата професија.
Јас само поставив прашање:
Ако вие ја внесувате мојата фамилија во политичката дебата, дали тоа значи дека и јас треба да ја внесувам вашата?
Тоа не е закана. Тоа е предупредување дека личното спомнување на семејствата нема место во политичката дебата.
Но очигледно, кога немаат одговори за градинките, за улиците, за асфалтот и за начинот на кој се трошат парите на граѓаните – полесно е да се меша фамилија и да се обидуваат да ја замолчат опозицијата.
Нема да успеат.
Како советничка група на Левица продолжуваме да работиме во интерес на граѓаните, да поставуваме прашања и да бараме одговорност.
Кисела Вода заслужува подобро.
А времето на ВМРО-ДПМНЕ во Кисела Вода е одбројано.
Следи го Антропол преку Google 
