Пратеникот од Левица, Реџеп Исмаил, преку објава на социјалните мрежи, отвори прашање за кое, како што вели, со години се молчи во Македонија, потребата од темелна реформа на територијалната организација и системот на локална самоуправа. Исмаил оценува дека актуелниот модел со голем број општини создава финансиски неодржливи локални единици, административна неефикасност и нерамномерен развој, посочувајќи дека дури 63 од 77 анализирани општини имаат негативен фискален биланс. Според него, наместо фрагментирана локална самоуправа, на Македонија ѝ е потребно радикално територијално окрупнување, поголема централизација на финансиските надлежности и реформа на моделот на управување со Скопје.
Неговиот статус ви го пренесуваме во целост:
ЛОКАЛНАТА САМОУПРАВА КАКО ФИНАНСИСКА ИЛУЗИЈА: ТЕРИТОРИЈАЛНАТА ПОДЕЛБА ТАБУТО ШТО СИСТЕМАТСКИ ЈА АБИ МАКЕДОНИЈА
Ако помина еуфоријата со ВМРОвскиот караван по Републиката на „пиво и игри“ за замајување на јавноста, сега да се вратиме на реалноста и да отвориме прашања кои се табу во Македонија, но се рак-рана на нејзината државност, и како такви се прашања кои, ако не се решат во правилна насока, нема ништо да тргне на подобро!
Едно од тие прашања е токму територијалната поделба (поделба по општини). Имено, ваквата поделба која од поодамна е направена во Македонија е неприродна и истата е направена по критериуми кои немаат врска со ефикасност, ефективност и национална сувереност. Дека тоа не е маргинално прашање, туку причина за огромните проблеми на општествено ниво на секое ниво, доказ се податоците за фискалната самостојност на локалните единици.
Постојаниот систем на локални единици во Македонија доделува широк и приближно еднаков пакет надлежности на општини со длабоко нееднакви економски, демографски и административни можности. Така, формално еднаквото право на локална самоуправа се претвора во нееднаква способност да се обезбедат јавни услуги.
Врз основа на податоците од алатката „Фискален радар“, очигледно е дека во актуелниот модел на децентрализација локалните единици се фискално неодржливи, бидејќи креираат систем во кој огромното мнозинство општини се само административни потрошувачи без сопствен економски капацитет. Очигледно е дека за да се обезбеди рамномерен развој и ефикасни јавни услуги, потребна е рецентрализација на финансиските надлежности и драстично намалување на бројот на општините. Со други зборови, потребна е РАДИКАЛНА и ТЕМЕЛНА РЕФОРМА ВО СИСТЕМОТ ЗА ЛОКАЛНА САМОУПРАВА И ТЕРИТОРИЈАЛНАТА ПОДЕЛБА НА ЛОКАЛНИТЕ ЕДИНИЦИ.
Податоците недвосмислено покажуваат дека локалната самоуправа во Македонија, во овој формат, е финансиска илузија:
Дури 63 од вкупно 77 анализирани општини имаат негативен фискален биланс. Тоа значи дека над 80% од општините трошат повеќе отколку што можат да соберат преку сопствени приходи.
Само 14 општини (главно Скопје и неколку регионални центри како Штип, Охрид, Гевгелија и Кавадарци) се самоодржливи.
Вкупниот „регионален одлив“ (дефицитот кој мора да се покрие) изнесува фрапантни 1,1 милијарди евра годишно. Ова значи дека локалните самоуправи не можат да опстанат без масивни државни трансфери (дотации) кои директно ја исцрпуваат централната каса.
Актуелниот систем претпоставува дека општините сами ќе ги финансираат своите надлежности преку локални даноци, но бројките го докажуваат спротивното.
Приходите од данокот на имот во Македонија изнесуваат само 0,46% од БДП, додека просекот во Европската Унија е околу 2,5%. Целокупниот систем генерира само околу 50 милиони евра годишно.
Малите и рурални општини, но и поголеми градски средини (како Тетово со -495€, Гостивар со -461€ по глава на жител) имаат огромно „даночно протекување“ (tax leakage) и сива економија. Локалните администрации ниту имаат технички капацитет, нормално, ниту политичка волја да наплаќаат даноци од сопствените гласачи.
Фрагментираноста значи дека државата плаќа стотици градоначалници, советници и локални администрации во места каде што нема елементарна економска логика и демографска база за нивно постоење (како Центар Жупа, Пласница или Вевчани, Росоман, Студеничани и слично).
Податоците од „Фискален радар“ докажуваат дека Македонија е премногу мала земја, со премал економски капацитет, за да издржи 80+ автономни локални самоуправи. Па ЦЕНТРАЛИЗАЦИЈАТА се наметнува како неопходност!
Радикално територијално окрупнување: Намалување на бројот на општини на 15 до 20 големи регионални центри. Тоа драстично ќе ги намали непродуктивните административни трошоци и ќе креира општини кои имаат вистински финансиски, но и човечки (кадровски) капацитети.
Централизација на наплатата на даноци: Одземање на надлежноста за наплата на данок на имот од општинските администрации (кои стравуваат од губење гласови) и нејзино префрлање директно во Управата за јавни приходи (УЈП) или друго централно државно тело. Ова ќе ја зголеми ефикасноста и ќе го елиминира локалниот клиентелизам.
Строга централна контрола на трошењето и укинување на правото на општините слободно да креираат долгови.
Освен природата, територијалната организација треба да ги следи функционалните врски меѓу населбите, а нашиот сегашен систем ги следи етничките особености на населението?!
Оној аргумент на ЕУропљјаните кои ни го продаваат дека непосредната близина на локалната власт обезбедува автоматски отчетност во Македонија се покажа како длабока заблуда. Општините се најНЕтранспарентни јавни институции во државава!
За Скопје сум пишувал и претходно, а истото е и дек од Програмата на Левица во делот на Локалната самоуправа. Скопје очајно и итно потребно е да прерасне во една општина со проширени ингеренции како резултат на укинувањето на неговите засебни општини! Реформа на Скопје во насока на пообединето управување со транспортот, отпадот, главната инфраструктура и просторното планирање на градската целина. Советот на Европа веќе го идентификува преклопувањето и недоволната усогласеност меѓу Градот и неговите десет општини како проблем за исполнување на очекувањата на граѓаните.
Следи го Антропол преку Google 
