Учениците не знаат да читаат и слаби се по математика – катастрофални оценки на ПИСА 2025

Само 26 отсто од македонските ученици опфатени со ПИСА 2025 го достигнале најмалку основното, второ ниво на способност за читање.

Речиси тројца од четири македонски петнаесетгодишници не го достигнуваат основното ниво на читачка писменост. Во математиката под основниот праг се 68 отсто од учениците, а сериозни слабости се бележат и во природните науки, се вели во извештајот на ПИСА 2025.

Само 26 отсто од македонските ученици опфатени со ПИСА 2025 го достигнале најмалку основното, второ ниво на способност за читање. Што значи дека околу 74 отсто од учениците се под тоа ниво. Тоа значи дека голем дел од петнаесетгодишниците имаат тешкотии со вештини како препознавање на главната идеја во текст со умерена должина, пронаоѓање информации според зададени критериуми и размислување за целта и формата на прочитаното. Просекот на ОЕЦД за ученици кои го достигнале најмалку ова ниво е 69 отсто.

Ниту математиката не нуди многу простор за оптимизам. Основното ниво го достигнале 32 отсто од учениците во Македонија, наспроти 65 отсто во просекот на ОЕЦД. Тоа не остава 68 отсто под прагот што ПИСА го смета за минимална функционална математичка писменост. Станува збор за способност ученикот да препознае како едноставна животна ситуација може математички да се претстави – на пример, да спореди две растојанија или да направи конверзија на цени во друга валута. Само еден процент од македонските ученици се меѓу најуспешните, на петтото или шестото ниво, додека просекот на ОЕЦД е осум проценти.

Кај природните науки 36 отсто достигнале најмалку второ ниво, во споредба со 74 отсто во ОЕЦД. Речиси и да нема македонски ученици на највисоките две нивоа. Последните резултати покажуваат дека во читањето и природните науки Македонија е приближно на нивото од 2022 година, додека кај математиката има пад. Во сите три области резултатите остануваат под просекот на ОЕЦД.