Поранешниот директор на Државна лотарија, самиот ѝ се предаде на полицијата

По Перпарим Бајрами во декември 2024 година беше распишана меѓународна потерница. Тој заедно со поранешниот прв вицепремиер и висок ексфункционер на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Артан Груби, се меѓу главните осомничени за злоупотреби во Државна лотарија, тешки 8,2 милиони евра.

Поранешниот директор на Државна лотарија, Перпарим Бајрами кој е осомничен за проневера и злоупотреба на службената положба, утринава ѝ се предаде на полицијата, за која подолг период беше недостапен.

Според објавите на дел од медиумите, Бајрами, кој е првоосомничен за проневера и злоупотреба на службената положба во случајот Државна лотарија, утрово самиот се пријавил кај надлежните органи.

По него во декември 2024 година беше распишана меѓународна потерница. Тој заедно со поранешниот прв вицепремиер и висок ексфункционер на Демократската унија за интеграција (ДУИ), Артан Груби, се меѓу главните осомничени за злоупотреби во Државна лотарија, тешки 8,2 милиони евра.

За потсетување, на 23 февруари годинава, поранешниот прв вицепремиер и министер Артан Груби, кој повеќе од една година беше во бегство, се појави на косовско-македонската граница при влез во земјава, по што веднаш беше приведен.

Судскиот процес за овој случај продолжува во петок. Покрај Груби и Бајрами во случајот oбвинети се и поранешниот генерален секретар на Владата, Методија Димовски, како и Скендер Мехмети, Бојан Јанев, Фатмир Рамадановски, Александар Димитриоски и Башким Авдиу, како членови на Надзорниот одбор на Државна лотарија во времето кога според скопското Основно јавно обвинителство се случиле залоупотребите за кои ги товари.