Директорот на затворот во Шутка поднел оставка — навел дека е од лични причини

Директорот на затворот „Скопје“ во Шутка, Бобан Утковски поднел оставка од директорската функција, потврдија од Влада за „Слободен печат“. Информацијата се објавуваше на социјалните мрежи, но официјална потврда немаше досега. Во оставката навел дека ја поднесува од лични причини.

-Директорот на КПУ Затвор „Скопје-Скопје“ во Шуто Оризари, Бобан Утковски, има поднесено оставка до Владата, која ќе биде предмет на разгледување на една од наредните седници на Владата. Во оставката е наведено дека причините за нејзиното поднесување се лични причини. По именувањето на нов директор на КПУ Затвор „Скопје-Скопје“ во Шуто Оризари, јавноста ќе биде навремено и соодветно ќе биде информирана од страна на Владата – велат од Владата во одговорот.

„Слободен печат“ се обиде да стапи во контакт со Утковски, кои се причините за оставката, но не одговори ниту на пораките, ниту на повиците. Директорот на Управата за извршување на санкции, Александар Пандов, пак вели дека последните месеци немал контакти со Утковски иако тој беше назначен на предлог на Пандов.

Последната изјава на Утковски што предизвика внимание во јавноста беше поврзана со безбедноста на поранешниот вицепремиер Артан Груби. Утковски наспроти тврдењата на Министерството за внатрешни работи и Агенцијата за национална безбедност, по чии информации на Груби му беше одреден куќен притвор бидејќи не бил безбеден, тврдеше дека затворот во Шутка не е мексикански картел и дека безбедноста таму е на прво место.

Поранешниот директор на Шутка, Филип Андов – Сокол беше осуден на осум месеци затвор за злоупотреби во затворот.

Веста е преземена од Слободен печат

Може да ве интересира