Димитров: Идиотизмот како контрапункт на политичката реалност 

Колумна на Антонио Димитров, Координатор на Сектор Медиуми при Левица

Некаде во мај, на РТС, гледав емисија посветена на прославата на Денот на независноста во Црна Гора, каде што на маса се соочија низа прашања што беа во опсегот од политички, преку социјални, па се до културни. Впрочем, како што доликува на една свесна нација. Да се поставуваат прашања и да се отвора дебата.

Концептот на магазинот беше многу интересен: од едната страна се дискутираше за гостувањето на Рики Мартин на Трг независности во Подгорица, а од другата за селото Дучиќи, оддалечено само 16 километри, каде што на референдумот во 2006 година сите гласачи гласале за заедничка држава со Србија. Прашањето на емисијата беше практично: каде е Црна Гора 20 години подоцна?

Во јавноста, очигледно, прославата на 20-годишнината од независноста на Црна Гора не се сведе само на прашањето „кој ќе пее“ на прославата, туку отвори неколку многу подлабоки прашања: што всушност слави државата, кој ја претставува културно, колку чини државниот спектакл и дали масовната забава ја заменува политичката и историската суштина.

За јубилејната програма во Црна Гора имало цела серија настани, не само концертот на 21 мај. Од Дино Мерлин до Даниел Поповиќ и некои артисти кои не ми се ни познати. Значи, намерно е направен масовен, повеќедневен музички спектакл, во комбинација со домашни изведувачи и големи регионални и меѓународни имиња. До тука е се во ред. 

Но, самото ангажирање на Рики Мартин предизвика полемики. Еден дел од јавноста го гледаше како показател дека Црна Гора е модерна, отворена и туристички ориентирана европска држава. Додека, пак, друг дел прашуваше што има Рики Мартин со црногорскиот идентитет и со одбележувањето на независноста? Од друга страна, неговата сексуална ориентација стана предмет на хомофобични реакции и политички коментари. Локалните медиуми забележаа дека дебатата за концертот многу брзо од културна, се претвори во поширока дебата за ЛГБТ-луѓето и општествената толеранција.

Дебатата продолжува и на други нивоа, па следно прашање што го поставија локалните медиумите беше и: што останува да лебди во воздухот како суштина кога, од една страна, ги елиминираме провинцијализмот и хомофобијата, а од друга страна кичот на државната политика; дали државниот спектакл претвора една важна историска годишнина во фестивал на естрадата? И ова прашање е сосема на место. 

Па затоа, еден критички текст ја опиша прославата дури како политика на „рефлектори, бини, огномети и естрада“, наместо сериозно соочување со значењето на независноста.

И вели: „Главниот проблем не е Рики Мартин. Проблемот е општеството кое повеќе не ја разликува културата од вашарот, патриотизмот од естрадата, ниту државниот јубилеј од туристичко-политичката програма за еднократна употреба. Зашто, кога државата ќе ги изгуби содржината и вредностите, таа престанува да биде држава. Станува провинција!“

А сега можеби клучното прашање што го третираа црногорските медиуми: сумата потрошена на овој настан.

Според медиумот „Standard“, првично се зборувало за околу 1,9 милиони евра, а потоа трошокот се зголемил на 2,6 милиони, при што медиумот поставил прашања за транспарентноста на договорите и постапката:

„Дваесетгодишнината од обновувањето на независноста на Црна Гора требаше да биде државен јубилеј подготвен внимателно, достоинствено и транспарентно. Наместо тоа, јавноста доби доцна објавен јавен повик, негово поништување, преговарачка постапка без претходно објавување повик, зголемување на трошоците од 1,9 на 2,6 милиони евра и најава за доаѓањето на Рики Мартин, без одговор на клучните прашања – кој преговарал, кој ги потпишува договорите, колку чини продукцијата, колку чинат изведувачите и зошто институциите молчат.“

„Standard“ прашањата ги поставил и до Владата, Министерството за финансии, Министерството за култура и медиуми, Музичкиот центар на Црна Гора, Агенцијата за спречување на корупцијата и надлежните за јавни набавки. Тринаесет дена подоцна, одговор немало од ниту една адреса.

А сега да се префрлиме во нашата реалност, каде што секоја сличност на црногорскиот случај со случајот со 8 Септември и Македонија не е нималку случајна.

И кај нас програмата траеше од 2 август, па сè до 8 септември, или она што Србите го нарекуваат Ивкова слава, опфаќајќи ги двата големи македонски празника, вклучувајќи повеќе настани со многу артисти, заокружувајќи ја целата прослава со гостувањето на диџејот Дејвид Гета.

А јавна дебата околку овој настан?

Освен сеир, идиотизам и препукувања по социјалните мрежи, сериозна јавна дебата по овој повод изостана. За тоа треба и сериозни, независни медиуми, кои ќе ги конфронтираат надлежните, а кој кај нас недостасуваат. Само едно единствено прашање предизвика кратки турбуленции.

Не е спорно дали на Денот на независноста треба да има настани, прослава и музика. Треба. Дури ни програмата не ја спорам. Од она што површно успеав да го проследам, се работи за сериозни имиња кои значат нешто на локалната и интернационалната сцена. Од Мизар, Синтезис и Меморија, преку Дина Јашари и Суперхикс, па се до Каролина, се работи за моментално најинтересните имиња кај нас. Нa настанот „35 години независност на Македонија“ во градскиот парк во Струмица настапија и највлијателните диџеи во историјата на електронската музика како Пол ван Дајк и Пол Окенфолд. И тоа е во ред. Дејвид Гета искрено лично не ми значи ништо посебно, но неговата интернационална кариера и успеси се неспорни, па така моето лично мислење ќе изостане. Сепак е во ред општата публика да види актуелно светско име, па макар тоа бил и диџеј.  

Но тука доаѓаме до спорните аспекти на оваа прослава и причината за споредбата со случајот црна гора. 

Број еден, спорно е да не се обзнани сумата кога државата ќе потроши милиони буџетски сретства за спектакл. Спорно е посебно кога не вложува исто толку внимание во сопствената културна меморија, културните институции, вработувањата во културата, буџетите во културата и да не набројувам понатаму, бидејќи со културната проблематика редовно и детално пишувам. Да не ги спомнуваме и образованието и здравстото, кои се први на приоритетна листа за било какво буџетско вложување.

Еве, дури и по настанот, на ова прашање не добивме одговор.

Број два. Спорно е како Авалон е избран за оранизатор на целата прослава? На повик? Тендер? На затворен состанок? Во четири очи? Без да навлегуваме во стручноста и способностите на Авалон како докажани организатори, било која од овие опции да е во прашање, јавноста има право да ја знае. 

Друго прашање (трето) што ми се наметна и кое го артикулирав уште кога се отвори, беше картата за главниот настан. Карта за настан по повод Денот на независноста е недозволива! 

Без разлика што е 35 денари. Да, сите ќе ја платат без поговор бидејќи се работи за пола евро. Но, ако веќе се потрошени буџетски средства за организирање на овој настан, кој е јавен, отворен и еднаков за сите, исплатена е агенцијата која го организира, исплатени се артистите, продажбата на карти е – потенцирам – недозволива. Настрана малверзациите, препородажбата на карти, турканиците и реакциите за размената на картите со алки кои произлегоа како негова последица. 

И да, и покрај, тоа што подоцна се наметнаа неколку прашања, одговор на првото прашање сѐ уште немаме.

Всушност, добивме одговор. Само што тоа не беше одговор на прашањето.

На прес-конференцијата непосредно пред настанот, новинарката од Слобен печат, во наше име всушност го постави ова сосема легитимно прашање: колку чини настанот? А одговорот од страна на организаторот беше: „Дали ви личам на идиот?“

И токму со тој идиотизам всушност, завршува нашата јавна дебатав по повод прославата на денот на независноста. 

Тука, можеби, се согледува и најголемата разлика меѓу Црна Гора и Македонија. Во Црна Гора, колку и да е спектаклот голем, кичест или спорен, постои јавност која прашува, медиуми кои копаат, институции до кои се испраќаат прашања и дебата за тоа што всушност прави државата со јавните пари и со сопствениот културен идентитет. Можеме и да расправаме дали Рики Мартин е соодветен за прослава на независноста, дали државниот спектакл е кич, дали се потрошени 1,9 или 2,6 милиони евра, кој ги потпишувал договорите и зошто институциите молчат.

Кај нас, сѐ  уште не знаеме ни колку чини спектаклот. А кога ќе прашаме, наместо одговор добиваме реторичко прашање од страна на оранизаторот или наивно правдање од страна на премиерот, дека „прославата ги чини граѓаните нула денари“, со кое дополнително сите нѐ прави идиоти. 

И можеби токму затоа насловот на оваа колумна не е метафора. Идиотизмот не е само реакција на прашањето. Тој е вистинскиот контрапункт на политичката реалност во која живееме, а во која трошокот е јавен, спектаклот е видлив, но сметката, одговорноста и транспарентноста, невидливи.