Преку соработката со Кина, Кавадарци учи како да го претвори отпадот и лозарскиот остаток во енергетски ресурс

Делегација од Кавадарци учествува на семинар во Кина посветен на заштедата на енергија, намалувањето на емисиите и развојот на нови енергетски технологии, со цел стекнатите искуства да се применат на локално ниво. Посетата е овозможена преку соработката на Левица со Комунистичката партија на Кина, како и преку програмата за побратимување на Кавадарци и кинескиот град Јиву.

На семинарот на тема „Зачувување на енергијата, намалување на емисиите и развој на технологии за нови енергии“, организиран од БИОМА – Биогас Институтот при Министерството за земјоделство и рурални прашања на Народна Република Кина, Кавадарци го претставува секретарот на Општината.

Покрај секретарот, во делегацијата е присутна и Марија Ванчева, генерален секретар на Црвена Младина и физичар, која на семинарот се запознава со современите енергетски технологии и практики со цел стекнатите знаења да се искористат за нивна потенцијална имплементација на локално ниво.

Од Општина Кавадарци посочуваат дека учеството на семинарот претставува можност за размена на искуства и стекнување нови знаења, но и отворање перспективи за идни инвестиции и примена на современи решенија во областа на енергетиката.

Особен фокус е ставен на искористувањето на комуналниот отпад и биомасата што останува како остаток од лозарството, што е особено значајно за Кавадарци како општина со развиено лозарство и винарство.

Идејата е искуствата од кинескиот модел да помогнат во размислувањето за можности за локално производство и заштеда на енергија, намалување на отпадот и емисиите, како и поефикасно искористување на ресурсите што ги создава локалната економија.

Од кавадаречката делегација упатија благодарност до Амбасадата на Народна Република Кина во Македонија за поддршката и можноста за учество на семинарот.

Посетата воедно претставува продолжување на воспоставената соработка со кинеските институции и градови, при што побратимувањето на Кавадарци и Јиву се користи како дополнителен канал за размена на знаења, искуства и можности за идни проекти од интерес за локалната заедница.