Во овие 35 години константа се евроатланските интеграции. Влезот во НАТО го плативме со Северна, а за отпочнувањето на преговорите со ЕУ се бараат бугари во Устав, а потоа којзнае уште што. Во изминативе 35 години, ако се иземе експертската влада која краток период управуваше со Македонија, константа се и владите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, кои се менуваат како да се седнати на клацкалица.

Срѓан Ивановиќ

Пред точно 35 години, претседателот на Република Македонија Киро Глигоров, на градскиот плоштад во Скопје ни ја честиташе слободна, суверена и самостојна Македонија. Три и пол децении подоцна, сама по себе се наметнува волтеровската квалификација дека земјава не е ни слободна, ни суверена, ни самостојна, а не е ниту Македонија. Северна е!

Процесот на осамостојувањето од југословенската заедница одеше бавно и беше исполнет со големи тешкотии, но, сепак, беше избегната војната, па Македонија беше прогласена за „оаза на мирот“ во услови кога останатите „братски народи“ крвареа.

Некако веднаш по осамостојувањето настапи и период на голема економска криза. Приватизацијата на општествениот капитал, речиси преку ноќ ги згасна големите и некогаш просперитетни претпријатија. Големите гиганти, кои вработуваа по четири, пет и повеќе илјади работници, беа сведени на погончиња со 10-20 вработени, а најголемиот дел од нив потполно згаснаа. Новоформираната влада на Македонија се вклучи во санкциите кон СР Југославија (Србија и Црна Гора) изречени од Генералното собрание на ОН, а во исто време го трпеше и ембаргото од Грција. Преку ноќ сиромаштијата стана сеприсутна во земјата, со стапка на невработеност близу 40 отсто. Имавме недостаток на лекови и нафта, а кратко по осамостојувањето во Македонија видовме и странска војска, со првиот контигент на мултинационалниот корпус со мандат од ОН (УНПРОФОР).

Дојде и до плурализација на медиумите, како и до формирање на поголем број на политички партии. Но, тоа не значи и дека демократијата напредуваше. Напротив. По почетното романтичарско влегување во повеќепартискиот систем, се случија парламентарните избори во 1994 година, кога опозицијата незадоволна од резултатот остварен во првиот круг го бојкотираше Собранието. Во Собранието присутни беа само пратениците од коалицијата на СДСМ. Тогаш беше изгласан и спорниот Закон за приватизација (иако и претходно се приватизираше според југословенскиот закон на владата на Анте Марковиќ), со што народното богаство преку ноќ се пресели во џебовите на поединци. По скопските улици набргу почнаа да се тркалаат скапи лимузини, теренци и спортски болиди, кои претходно можеа само на филм да се видат.

На наредните избори се случи промена, во политичка смисла, но социјалниот карактер на државата остана непроменет. Владата на Љубчо Георгиевски, во која партиципираа неговата ВМРО-ДПМНЕ, Демократска алтернатива на Васил Топурковски и ДПА на Арбен Џафери ја дозаврши приватизацијата со продажбата на големите јавни претпријатија, од која најконтроверзна беше приватизацијата на Македонски телеком.

Само една година по формирањето на новата Влада, започна воената кампања на 15 земји членки на НАТО против СР Југославија. Тоа на Македонија ѝ донесе огромни проблеми. Прво на наша територија се стационираа 35 илјади војници на НАТО, а потоа и пола милион бегалци од Косово.

Но, најголемиот проблем за безбедноста беше конфликтот од 2001 година, кога домицилното албанско население, потпомогнато од Албанците на Косово, започна организирана борба против Република Македонија. По неколкумесечна борба, во Охрид беше потпишан Рамковниот договор, кој Македонија ќе внесе во сосем нова етапа од своето постоење, со трибализирана внатрешна поделеност.

Георгиевски беше избришан на наредните избори, кога го видовме второто седување на Бранко Црвенковски на премиерската фотелја. Тоа се неславни четири години на СДСМ, од кои може да се издвојат две работи. Прво, загинувањето на претседателот Борис Трајковски, чиј авион се сруши во близина Мостар, а второ е продажбата на Електро-дистрибутивниот систем на Македонија на австрискиот ЕВН.

Во 2006 година на власт повторно дојде ВМРО-ДПМНЕ, но овојпат, наместо брадосани ванаби комити, во кабинетот на Никола Груевски се најдоа голобради техноменаџери и експери за сè и сешто. Првите две години помисливме дека Македонија конечно влезе во тековите на капитализмот и е на добар пат да поврати барем дел од некогашниот индустриски и развоен капацитет. Но, не. Повторно се излажавме. Во 2008 година започна исклучително тешкиот период кој траеше безмалку деценија, во кој дојде до целосно срозување на институциите и до гигантски раст на клиентелизмот, на што би позавидел и Марк Лициниј Крас лично. Земјата стана изолирана и поделена.

Е не беше добро ни по Груевски, кој кратко по губењето на власта побара политички азил во Унгарија. На „крилјата“ на Шарената револуција на власт дојде коалицијата на СДСМ, која овојпат седум години се одржа на власт. Во овие седум години прво беше сменето името на државата, а потоа беше потпишан и спорниот Договор за добрососедство со Бугарија. СДСМ во овој период изнедри двајца премиери. Работата ја започна Зоран Заев, кој претходно со пуштањето на „бомбите“ се наметна како лидер на опозицијата, а по катастрофалниот пораз на локалните избори, на премиерската функција го наследи Димитар Ковачевски. Ковачевски на власт се задржа сè до последните парламентарни избори, кога СДСМ повторно доживеа катастрофа, а нов премиер стана Христијан Мицкоски, а ВМРО-ДПМНЕ повторно е носител на владата.

Во овие 35 години константа се евроатланските интеграции. Влезот во НАТО го плативме со Северна, а за отпочнувањето на преговорите со ЕУ се бараат бугари во Устав, а потоа којзнае уште што.

Во изминативе 35 години, ако се иземе експертската влада која краток период управуваше со Македонија, константа се и владите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, кои се менуваат како да се седнати на клацкалица.

Северна Македонија не е слободна, независна и суверена држава. Таа е осиромашена, неправедна, заглавена во корупција и длабоко поделена. Таа е тажна Македонија.

(Авторот е писател и новинар)